Една од три жени или девојчиња биле изложени на некаков облик на насилство, туку осум отсто од сите анкетирани искусиле физичко или сексуално насилство во изминатите 12 месеци, вели во интервју за МИА Луиза Винтон, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.

За стартот на кампањата „Шестнаест дена активизам против родово насилство“,таа вели дека целта е да се привлече внимание на прашањето за насилство врз жените.
- ОН посветуваат големо внимание на ова прашање, бидејќи насилството врз жените е човеково право, кое бележи најголема злоупотреба, а кое има најмало признание. Целта е луѓето да станат свесни за оваа состојба, но да станат свесни и за она што можат да го направат за да се спречи насилството.
Од кога 25 ноември се одбележува како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жени и девојчиња?
Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жени и девојчиња се одбележува од 1999 година, воспоставен е со резолуција на ОН. Датумот всушност е денот на убиството на сестрите Мирабал. Убиството се случило на 25 ноември 1960 година. Тоа се четири доминикански сестри, кои се спротивставувале на дикататорот Рафаел Трујило (Ел Чиво) и биле вклучени во тајните активности против неговиот режим. Три од сестрите се убиени на 25 ноември 1960 година. Убиствата ги претворија сестрите Мирабал во симбол на граѓанскиот и феминистичкиот отпор.
Сепак на оваа проблематика не треба да се сеќаваме само еднаш годишно, на неа мора да се мисли секој ден. Овој ден не треба да го претвораме во ритуал, да вршиме некакви ритуални активности, налик на Меѓународниот ден на жената 8 Март. За оваа проблематика треба да бидеме свесни 365 денови во годината.
Според статистиките на ОН, една од три жени и девојчиња е погодена од насилство, може да ни кажете подетални податоци, со кои располагаат ОН на глобално ниво?
Оваа бројка една од три е применлива речиси во секоја земја, во секој контекст. Во Македонија конкретно забележуваме дека има недостиг на податоци, не знаеме точно за колку случаи станува збор, работиме напорно во таа насока тука. Сега споведуваме истражување за состојбата тука.
Во најблизок контекст е ЕУ. Унијата спроведе големо истражување во 2014 година. Документирано е дека не само што една од три жени или девојчиња биле изложени на некаков облик на насилство, туку осум отсто од сите анкетирани искусиле физичко или сексуално насилство во изминатите 12 месеци. Значи зборуваме за нешто што е секојдневие за сите жени, насекаде во светот.
Често пати луѓето сето ова го стават под знак прашалник, сметаат дека тоа не може да биде точно. Но, како што гледаме во САД, на пример, со кампањата #metoo тоа не е исклучок, туку на некој начин правило за жените. Една од работите против кои се бориме е молкот зад насилството врз жените. Жените се соочуваат со стигма и често се плашат да прозборат, но кога ќе прозборат тогаш се соочуваат со сомневања дали тоа што го кажуваат е вистина, често пати не им веруваат или ги обвинуваат за тоа што им се случило. Треба да станеме свесни дека не е нивна вина, луѓето треба да имаат храброст да зборуваат, посебно мажите, треба едни со други да се освестуваат дека насилството не е во ред.
Кои земји се најпогодени во светот, дали имате статистики?
Статистиките покажуваат дека има разлики по региони, но интересно е дека на пример во последно време е забележан раст на насилство врз жените во скандинавските земји, но експертите сметаат дека не станува збор за зголемување на таквите случаи, туку за зголемување на пријавувањето на веќе постоечките случаи, за кои претходно не се говорело. Сметам дека правилото една од три е нешто алармантно, тоа правило на пример доколку се однесува на некоја болест, никој не би го толерирал, тоа би било пандемија за која би се активирале сите ресурси во борбата против неа.
За какви видови насилство зборуваме, секако не само за физичко, насилството има многу лица?
Поделбата е на физичко насилство во форма на домашно насилство, насилство од интимниот партнер, потоа сексуално насилство, кое вклучува силување, злоупотребување, вознемирување, но има и многу посуптилни форми на насилство, кои се застапени, кои не оставаат физички траги и модринки, но оставаат внатрешни лузни, како заплашување, следење.
Исто така постои и економско насилство, на пример жената има деца и е економски зависна од мажот, кој единствен заработува за семејството, при тоа е насилен, а таа е неспособна да излезе од таа ситуација, затоа што и е потребен дом за децата. Ако мажот е насилен кон жената во домот, жената е таа што треба да остане во домот, а нему да му се спречи пристап.
А насилството на работното место?
Тука повеќе станува збор за психолошко насилство. Во САД има голем број примери за такви случаи. Како и да е има цел спектар на различни форми на насилство и сето тоа треба да се спречи, но важно е да согледаме дека сите подвидови во спектарот потекнуваат од ист извор, нееднаквоста во односот на моќта меѓу мажите и жените, нешто за што учиме од најмали години.
Кога ги разгледуваме можните солуции, не мислиме само на тоа полицијата сите кои се насилни да ги стави зад решетки, што секако е дел од решението, но треба да почнеме од темелите. Момчињата и девојчињата треба да сфатат дека се еднакви едни со други, не смее да се создава уверување дека едните на некој начин имаат право да им даваат инструкции на другите или да бидат насилни кон нив.
Од кога овој ден се одбележува во Македонија?
Мислам дека се одбележува од неговото воспоставување.

Во Македонија има долга традиција на одбележување на овој ден, но тука мора да се вложат повеќе напори сето ова да не биде само симболично, туку вистински да се имплементираат работите. Во земјава има законска рамка, која гарантира еднаквост, но во пракса ситуацијата е далеку од рамноправна.
Какви активности планирате за годинашната 16-дневна кампања?
Дел од кампањата глобално е спомениците, националните објекти да бидат обоени во портокалово со цел таа да стане екстремно видлива. Оваа година во Македонија го обоивме Парламентот, ноќта на 24 ноември, а сето тоа не е случајно. Една од специфичните активности на кои инстирираме е што е можна поскора ратификација на Истанбулската конвенција од страна на Парламентот, која е златен стандард на Советот на Европа во борбата притив насилството врз жените.
Го обоивме Парламентот во портокалово со очекуваме дека ратификацијата на Истанбулската конвенција ќе се случи мошне скоро. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вети дека легислативата за ратификација ќе ја претстави најдоцна до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Следниот чекор е да се овозможи имплементација на Истанбулската конвенција. Македонија ратификувала многу меѓународни конвенции, но има недостиг на почитување на заложбите за нивно заживување.
Колку долго сте на оваа позиција и каква е вашиот впечаток за почитувањето на човековите права во Македонија, особено на правата на жените?
Повеќе од четири години сум на оваа позиција, клучно е дека земјата има желба да се усогласи со стандардите на ЕУ и со меѓународните стандарди. Проблемот, како и во многу други области е сето она што е напишано на хартија, во правниот систем, во законите, да стане реалност. Тука секако има промени, мали промени.
Сметам дека е лесно да се западне во стереотип и да се каже дека постои некаква балканска агенда во пристапот кон ова прашање, во која зборуваме за силната машка херојска фигура и заводничката женска фигура, но сепак има многу луѓе тука кои ги уриваат овие стереотипи. Запознав многу силни професионални жени, кои имаат извонредни квалификации и кои добро работат, кои се соочиле со многу бариери и не запреле. Треба да ги охрабрите девојчињата да ги земат за пример и да немаат страв да ги следат своите амбиции, каде и да ги водат.
Ана Цветковска
Целто интервју тука-МИА