Барселона ја направи сиромашна Ла Лига до крајот на оваа сезона бидејќи уште сега се одлепи на огромни плус 14 во однос на Реал, благодарение на победата во „Ел Класико“ во Мадрид со 3-0.

Ако воопшто ги има, неутралните гледачи сигурно посакуваа повозбудливо „Ел Класико“ и можеби победа на Реал за да се намали огромната предност на Барса пред ова 17. коло, но наместо тоа, Каталонците го парализираа големиот ривал.
Првото полувреме го одбележа само очигледен гол од офсајд на Роналдо, но и смешно промашување од него, па затоа мечот беше решен во второто. Разврската почна по осум минути игра во него, преку една типична полуконтра на Барселона. Тријаголникот меѓу Ракитиќ, Серџо Роберто десно и Луис Суарез лево беше несфатлива равенка за Реал, а Уругваецот егзекутираше за 1-0.
Домаќините уште не беа излезени од шокот, кога во 63. минута се случи еден карамбол пред голот на Реал, а резултатот беше атрактивна парада на Карвахал, црвен картон за него и пенал кој го реализира Лионел Меси за 2-0.

Без играч Реал се обидуваше колку што може, но дури и оние две-три големи шанси до крајот на мечот завршија во телото на извонредниот голман Тер Штеген. Сол на раните додаде Алеш Видал, во судиското продолжение погодувајќи за 3-0. По 17 кола Барса има 45 бода, Реал само 31, што делува недостижно дури и на 21 коло до крајот.
https://streamable.com/ahnk8