Белата куќа сака да има темелен увид за воената опрема и оружје во вредност од над милион долари кои биле купени или дадени во Македонија, Србија, Косово и во Босна и Херцеговина од 2012 година.

Извештај се бара и за соработката на Западен Балкан со САД.
Имено, Американскиот конгрес му наложи на министерот за одбрана на САД во рок од 180 дена до конгресмените да достави анализа на безбедносната соработка на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово со САД и со Русија.
На официјалната страна на Конгресот на САД јавно е достапен документот во кој од Секретарот за одбрана на САД се бара да поднесе извештај за безбедносната соработка со земјите од Западен Балкан со согласност од Државниот секретар.
За поднесување на извештај до Комисијата за одбрана, Комитетот за надворешни работи на Сенатот и Комитетот за надворешни работи на претставничкиот дом, Американскиот конгрес даде рок од 180 дена јасно прецизирајќи дека анализата треба да се однесува на БиХ, Македонија, Србија и Косово.
Извештајот мора да содржи процена на безбедносната состојба меѓу секоја од земјите на Западен Балкан и Русија вклучувајќи попис на вооружените системи и други воени хардвери и технологии вредни милиони долари и повеќе кои од 2012 година се доделени или купени од земјите на Западен Балкан.
Покрај тоа побаран е опис за учество на сите безбедносни сили на земјите од Западен Балкан во обука или вежби со Русија од 2012 година, опис на сите спогодби за безбедносна соработка која секоја од земјите на Западен Балкан ги потпишала со Русија и процена на разузнавачката соработка меѓу секоја од земјите на Западен Балкан и Русија.
Конгресот бара да се достави и процена како безбедносната соработка меѓу секоја од земјите од Западен Балкан и Русија влијае на безбедносните интереси на САД, НАТО, земјите од Западен Балкан и секоја земја членка на НАТО која се граничи со земјите на Балкан.
Како што се наведува, проценката на безбедносната соработка меѓу секоја земја од Западен Балкан и САД, вклучува попис и на американските оружени системи и други воени хардвери и технологии вредни милиони долари или повеќе кои од 2012 година се доделени или купени од секоја земја од Западен Балкан, опис на вклученоста на безбедносните сили на земјите од Западен Балкан во обука или вежби со САД од 2012 година, опис на сит спогодби за безбедносна соработка кои земјите од Западен Балкан ги потпишале со САД, проценка на разузнавачката соработка меѓу сите земји од Западен Балкан со САД и проценка на безбедносната соработка меѓу секоја од земјите од Западен Балкан и НАТО, како и опис на активностите и програмата на НАТО „Партнерство за мир“.
Во заклучокот стои дека извештајот треба да се поднесе во незаштитена форма, но може да вклучува класифицирани додатоци, односно анекси.