Градежништвото во Македонија во последниве осум месеци бележи пад од околу 30 отсто. Властите сметаат дека тоа се должи на намалената активност на автопатиштата поради промашените траси, додека од коморите вината за падот ја лоцираат во долготрајното предавање на власта и намалениот број на јавни набавки во градежништвото, како и од пренатрупаноста со работа во изминатите години.
– Во некои од минатите години мислиме дека имавме пренатрупаност со јавни набавки. Уште пред две години кажавме дека во градежништвото има преголем обем на јавни набавки и оти ќе треба да увезуваме работници од странство. Тоа пренатрупување со работа доведе до фактот што наеднаш поминавме многу проекти кои немаа потреба да бидат во исто време и можеа да бидат развлечени на некој подолг временски период со што егзистенцијата на градежните компании би се продолжила и би имала континуитет, порачува Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата и градежните материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.
Според него, иако вредноста на договорените работи во градежништвото е поголема во однос на лани има голем пад на извршените градежни работи во земјава, но и во странство каде воедно има и намалување на договорените работи.
Статистичките податоци покажуваат дека во првите девет месеци од годинава се издадени 2.345 одобренија за градба што е за два проценти помалку од истиот период лани. Вредноста на договорените работи во градежништвото во овој период е 75 милијарди денари и е за пет проценти поголема во одонос на истиот период лани кога беа договорени работи за 71 милијарда денари. Од друга страна има намалување на извршените градежни работи за 21,2 отсто. Износот на договорените работи во странство, пак, е намален за 16 отсто, а на извршентие работи за 39 отсто во споредба со истиот период лани.
Во градежништвото моментално работат 51.679 вработени, а просечната исплатена плата во градежништвото во септември е 21.451 денар.
Намалувањето на интензитетот на градба на автопатот Кичево-Охрид
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека земјава годинава бележи раст во сите сектори освен во градежништвото, каде има пад од 30 проценти, што прави да имаме стагнација во БДП. Падот во градежништвото, според него, се должи на намалувањето на обемот на работите на автопатот Кичево-Охрид.
– Треба да правиме реални инфраструктурни проекти во градежништвото за да го вратиме каде што беше. Намален е интензитетот на градба на автопатот Кичево-Охрид зошто имаше многу проблеми. Автопатот е проектиран без да има ниту една крстосница од Кичево до Охрид, нема предвидени косини за да се спречат свлечишта, тунелот требало да чини 43 милиони евра, а сега има барање да чини 107 милиони евра,… Затоа мораше да се застане, појаснува Анѓушев.
Тој посочува дека се детектирани сите работи што недостасуваат и оти треба да се направи нов проект за автоатот, а за тоа, како што вели, е потребно време.
Очекува следната година да се смени ситуацијата, да се откочи работата на автопатиштата и на железничката пруга кон Бугарија и да имаме раст на економијата поголем од планираниот од 3,2 отсто.
Политичката криза и промената на власта главни причини за падот во градежништвото
Од Стопанската комора на Македонија велат дека падот во градежништвото се должи на долгата промена на власта.
– Последиците од политичката криза за кои повеќе пати предупредувавме почнаа да се чувствуваат во голема мерка во градежништвото. Овие последици имаат посебна импликација во овој сектор кој во последните години беше главен двигател на економијата на Македонија и главен причинител на високиот пораст на БДП, вели Серафимовски.
Според него, долготрајното предавање на власта е една од суштинските и главните причини од која произлезе целокупната ситуација во нашата држава, а со тоа и во градежништвото.
– Имавме големи застои во работењето на градежните компании, бидејќи неизвесноста во голема мерка се одрази и врз работењето на државната администрација каде проблемите речиси и да не се решаваат. Постоеја административни пречки во донесување на одлуки и решенија, а посебно во деловите кои имаа финасиска импликација кон проектите, било тоа во негативна или позитивна смисла. Додека, пак, достасаните обврски не се исплаќаа редовно и се исплаќаа со големи задоцнувања. Наведените причини најмногу придонесоа кон стагнација на работењето во одредени сектори во градежништвото при што се евидентира и намалена градежна активност во самите компании, потенцира Серафимовски.
Тој не е изненаден од резултатите во градежниот сектор, бидејќи, како што вели, Владата и општините се главни инвеститори и се главни на капиталните објекти.
– Уште еден битен фактор што има големо внимание, посебно врз вредноста на изведените работи, е тоа што во изминатиот период имавме намалени активности во делот на јавните набавки. Речиси да не се пропишуваа и не се даваа на јавен оглас нови јавни набавки и тоа имаше голема импликација врз вредноста на изведба на работите. Тоа доведе до стагнација во одредени делови на градежништвото која се чувствува енормно, прецизира Серафимовски.
Статистичките податоци, посочува, даваат главна слика дека интензитетот на градба се намалува иако постои фонд за изградба.
– Ако ги сублимираме сите податоци можеме да кажеме дека интензитетот на градба согласно договорените работи не се намалува, но се намалува извршувањето на градежните компании што е уште еден доказ дека во минатиот период од осум месеци постоеле одредени причини заради кои не можеле да се извршат работите согласно планот и согласно потребите кои ги има во државата, порачува Серафимовски.
Во однос на работата во странство вели дека се намалува обемот и на извршени и на договорени работи.
– Најмногу извршени работи во градежништвото имавме на територијата на БиХ, односно Република Српска, а таму голем дел од проектите привршија или се во завршна фаза. Затоа имаме намален обем на изведени градежни работи во странство, прецизира Серафимовски и потенцира дека во Германија има договорени градежни работи од три милиони, а извршени околу 1,6 милиони.
Ќе се бараат измени во законската регулатива за градежништво
Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) до Министерството за финансии достави барање за продолжување на повластената даночна стапка од пет отсто за данокот на додадена вредност (ДДВ) за продажба на станбен простор, со оглед на фактот дека во услови на регистриран пад во градежништвото во последните осум месеци ова е една од мерките за која треба идно решение, вели извршниот директор на ССК Александар Зарков.
– Оваа антикризна мерка, што беше донесена во 2007 година, ја стимулираше изградбата на станови од страна на градежните компании, придонесе за развој на градежништвото и на над 20 стопански гранки поврзани со станбената изградба, како и за заживување на пазарот на недвижности во Република Македонија, за разлика од пазарот на недвижности во соседните земји, што имаше драстичен пад и моментално е на многу ниско ниво, посочува Зарков.
Во услови на зголемувањето на даночната стапка на ДДВ за становите, нагласува, очекувано е да следи намалување на номиналната вредност на приходи во буџетот по основ на ДДВ поради очекувањата за намалување на прометот на станови за три пати, намалување на вработеноста во градежниот сектор и последователно сите комплементарни дејности поради намалено производство на станови.
– Исто така, ќе следи и намалување на приходот во буџетот по основ на придонеси и персонален данок, како резултат на намалената вработеност во секторот, потоа намалување на приходот во буџетот по основ на данок на додадена вредност што се остварува од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема што се вградува во новите станови, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, односно станови и намалување на прометот. Дополнително, станбеното прашање на младите потешко ќе се решава и тие ќе заминуваат од државата, а ќе следи и одлевање на дел од парите надвор од платениот промет, порачува Зарков.
И Стопанската комора на Македонија активно учествува во менување на законите за градба, за урбанистичко и просторно планирање, и за јавни набавки со свои предлози и сугестии.
– Како здружение работиме со години на подобрување на законската регулатива и цениме дека со подобрување на законите ќе им овозможиме на нашите членки и компании подобри услови за егзистирање, а со тоа би работеле поквалитетно и финасиски подобро. Активно ќе учествуваме во овие промени и апелираме што поскоро да се усвојат одредни измени во Законот за градба се заради подобри услови во кои би егзистирале градежните компании на ова поднебје, вели Серафимовски.
Имаме, додава, цела палета на предлози за измени во Законот за градба, а најбитено е да се изменат деловите што даваат избор меѓу две или три нешта.
– Тие треба да се сведат на конкретно законско решение и да се знае кој е одговорен и кој треба да го спроведе, истакнува Серафимовски.
Од постоечкиот закон, според него, најмногу проблем прави критериумот на најниска цена при јавните набавки.
– Цениме дека од тој критериум произлегуваат сите натамошни последици со кои се соочуваме, а кои се негативни, па дури и протекување на објектите од Скопје 2014. Од нашите дебати произлегува дека над 80 отсто од проблемите во градежништвото произлегуваат од овој критериум за јавни набавки. По наша проценка критериумот на најниска цена и електронско наддавање при јавните набавки е исклучително лош особено за корисникот на проектите во најголема мерка, а тоа се државата и граѓаните, вели Серафимовски.
Порачува дека е неспорно оти во државата мора да се работи квалитетно за да имаме долготрајни и квалитетни градби.
– Нашите компании членки на здружението, што се изведувачи, имаат повеќестепен начин на контрола при градбата на објектите – надзорен орган, инвеститор, технички прием, гарантен период во кој градбата која се изведува ќе докаже дека е квалитетна и добра. Од друга страна, имаме проекти што се конкретни и Законот за градба не дава можност изведувачот да ги менува без согласност на проектантот. Тоа значи дека изведувачот од сите страни е ограничен во она што може сам да одлучи и да работи, а има повеќестепена контрола. Затоа апелираме да не се даваат избрзани коментари за протекувањето на објектите од „Скопје 2014“, туку да се сочека анализа и експертско мислење, па потоа да се најавуваат мерки што треба да се преземат и да утврдуваме критериуми зошто е тоа така, прецизира Серафимовски.
Очекувања следната година да биде подобра за градежништвото
– Следејќи го теркот и активностите и финасиските резултати од првите девет месеци од годинава не очекуваме големи промени до крајот на годинава и сметаме дека ќе се задржи актуелниот тренд. Согласно најавениот буџет и инвестиции се надеваме дека во наредната година ќе се стабилизира политичката ситуација и очекуваме дека ќе биде подобра за градежништвото и оти ќе се врати на старите текови на двигател на економскиот раст, потенцира Серафимовски.
Според него, нема најави за големо отпуштање на работници во градежништвото, а работниците се задоволни со новиот Закон за минимална плата што се почитува во градежниот сектор.
Колкави за загубите на градежната индустрија
Статистичките податоци покажуваат дека производство на градежни материјали е на исто рамниште како во првите девет месеци од 2016 година и има опаѓање само за 0,1 процент. Кај вадењето руда и камен зголемен е интензитетот за 4,1 процент, а кај производството на другите метали има зголемување за 13,2 проценти. Годишно во Македонија се извезуваат градежни материјали во износ од 60 до 70 милиони евра, а се увезуваат неколку кратно повеќе од извозот.

– Загрижува фактот што во голема мерка увезуваме материјали кои се произведуваат во земјава како што се цементот, тулите и одредени изолациски материјали. Воопшто од земјава не се извезуваат тули, а се увезуваат во вредност од пет милиони евра на годишно ниво, посочува Серафимовски.
Порачува дека треба да тежнееме да го задржиме она што го имаме како производство.
– Тоа не значи дека не треба да увезуваме, туку треба да ги подобриме и нашите капацитети. Квалитетот секогаш има главна улога. Можеби нашите компании особено за производство на тули немаат соодветен квалитет на највисоко ниво и можеби е тоа причина што се увезуваат, порачува Серафимовски.
Апелираме, додава, она што го имаме како производство да го задржиме и да го потпомогнеме со субвенции и стручни мислења и барем да увезуваме нешто што го немаме.
– При увозот на цемент има пример во кој на барање на УСЈЕ е тестиран увезениот цемент и се покажа дека од осум примероци шест немаат задоволителни критериуми што се бараат за увоз и стандарди. Затоа чекаме да се стабилизира политичката ситуација во земјава и ќе закажеме во најкраток можен период и состанок со Царинската управа за да се прецизират условите за увоз на градежни материјали, нагласува Серафимовски.
Градежништвото во соседна Србија има постојан раст
За разлика од Македонија градежништвото во соседна србија бележи постојан раст како во земјата така и во странство. Според статистичките податоци, во Србија во градежниот сектор има околу 11.530 претпријатија или 13,1 отсто од вкупниот број на компании во земјата во кои работат 116.760 работници, односно 11,8 отсто од вкупниот број на вработени.
На српските градежни компании им се одобрени вкупно 45.637 месеци работа во Германија, а за периодот од 1 октомври 2017 година до 30 септември 2018 година одобрено им е ангажирање на 2.770 градежни работници./МИА
Валентин Јанковски