Што ни доаѓа со Алибаба?

од Vladimir Zorba
70 прегледи

  

Веста дека водечката кинеска и светска компанија за интернет трговија, Алибаба, доаѓа во Србија, стави точка на повеќемесечните медиумски шпекулации околу тоа која од земјите во регионот е најсериозен кандидат да ја привлече оваа инвестиција.

Имено, претставниците на Алибаба интензивно го разгледуваа регионот од почетокот на 2017 година. Тие ги посетија Хрватска, Унгарија, Романија и Бугарија, барајќи стратегиски партнер со кого ќе изградат голем дистрибутивен центар во овој дел на Европа.

Државната секретарка во Министерството за трговија Татјана Матиќ ја посети Кина и по посетата изјави дека разговарала со претставниците на Алибаба, по што нивното доаѓање во Србија е веќе сосем извесна работа. За шест месеци, додаде Матиќ, се очекуваат првите резултати од преговорите.

– Утврдивме со што ќе влеземе во преговорите. Ќе формираме оперативни тимови кои ќе се занимаваат со приоритетните теми. Три теми веќе се договорени, а две се предложени од групата Алибаба – интернет туризам и електронско плаќање. Ние сакавме да разговараме за отворање на дистрибутивен центар и за логистиката. Се зависи од нас, од брзината со која ќе ги искористиме одредените предиспозиции и поради тоа што, за разлика од другите земји, ние сме проактивни, вели Матиќ во разговор за Танјуг.

Таа вели дека е сигурна во доаѓањето на Алибаба на српскиот пазар и дека еден од клучните аргументи во разговорите со Алибаба е тоа што Кина во моментов има проекти во Србија вредни шест милијарди долари. Тоа би било значителен исчекор за српската економија, додава Матиќ.

Се очекува дека доаѓањето на Алибаба на српскиот пазар ќе значи и доаѓање на кинеските туристи во Србија, како и развој на алипеј мобилната апликација за плаќање, имајќи предвид дека во Кина 85 проценти од транскациите се вршат преку мобилни телефони.

– Кога би имале апликација како алипеј во Србија, би имале и поголем промет, а од друга страна ќе го отвориме пазарот и за други компании, не само од Кина, како и за други инвестиции на кои ќе им биде поедноставно да се реализираат, вели Матиќ.

На прашањето дали Алибаба е подготвена да разговара за отварање на дистрибутивен и логистички центар за транспорт на стоки, Матиќ вели дека заменик градоначалникот на градот Хангџоу, каде ги водеше разговорите, подготвил декларација за соработка меѓу Хангџоу и градови во Србија, во која се наведува дека еден од приоритетите е изградба на логистички центри во Србија.

Сепак, што се однесува до логистиката и дистрибуцијата, Матиќ вели дека тие им се интересни и на други кинески компании, но дека се работи за комплексен процес кој бара долгорочна соработка.

– За тоа ќе биде потребно многу да се инвестира во транспортната инфраструктура, пред се во железничката линија Белград – Будимпешта, во завршување на коридорот… Постојат договори за директна линија меѓу Хангџоу и Ниш и се надевам дека во Ниш ќе размислат за ова, вели Матиќ.

Алибаба има дистрибутивен центар во Франкфурт, од каде моментно ја покрива Европа. Кинеската компанија е светски гигант во електронската интернет трговија, и нуди над 800 милиони производи, а има 549 милиони корисници со дневен промет од безмалку милијарда евра. Овој гигант работи во 200 држави ширум светот.

Според Фајненшл тајмс, Алибаба имала раст на оперативната добивка во третиот квартал на 2017 година од 83 проценти и таа достигна 2,5 милијарди долари. Главен извор на заработувачка се интернет трансакциите, а растот на профитот беше над сите очекувања и предвидувања на пазарите.

Оваа компанија, која котира и на американските берзи, ја зголеми проекцијата на раст на приходот за 2017 година, и смета дека приходите ќе и пораснат меѓу 49 и 53 проценти. Претходните проекции најавуваа раст меѓу 45 и 49 проценти.

Вредноста на акциите на Алибаба се удвои во текот на минатата година, а пазарната капитализација достигна 477 милијарди долари, што значи дека полека но сигурно оваа компанија го стигнува светскиот гигант Амазон, чија пазарна вредност во средината на ноември изнесуваше 546 милијарди долари. И додека Амазон се фокусира на развојот на е-трговијата на нови пазари, Алибаба инвестира во компании што се заминаваат и со други дејности.

Американското списание Форбс неодамна објави споредба на двете компании при што вели дека Алибаба е платформа за електронска трговија, но за разлика од Амазон, таа има огромен и комплексен екосистем. Така, покрај директните сајтови за интернет трговија, Алибаба го покрена и системот алипеј, кој на корисниците им овозможува да вршат исплати преку сопствените платформи, како и порталот Ент фајненшл, кој им помага на луѓе со бизнис идеи да најдат финансиери.

Зад Алибаба стои нејзиниот основач и косопственик Џек Ма, 53-годишен поранешен професор по англиски јазик, чие родено име всушност е Ма Јун. Роден во Хангџоу во многу сиромашно семејство, од мал работел да го совлада англискиот јазик и заработувал возејќи странски туристи низ градот со својот велосипед. Така и го добил прекарот Џек, пишува портапот Бизнис инсајдер.

Откако ги завршил бизнис студиите и педагошката академија, Џек Ма аплицирал на 30-на работни места и секаде бил одбиен, дури и во синџирот за брза храна КФЦ, каде му рекле дека не е доволно добар да биде дел од нивниот тим. Кога конечно се вработил како професор по англиски јазик на локален факултет, заработувал само 12 долари месечно.

Заедно со 17 пријатели, во 1999 година собрал 60.000 долари и ја отворил компанијата Алибаба, иако првпат видел што е интернет само четири години претходно, при посетата на САД.

Денес тој е еден од најбогатите луѓе во Кина, Азија и во светот. Познат е по гламурозните прослави, на кои секогаш подготвува по некое изненадување, како на пример прославата на 18-годишнината од формирањето на компанијата, кога Џек Ма го имитираше Мајкл Џексон/MIA