Македонија и Грција во очекување 2018 да се реши спорот

од Vladimir Zorba
133 прегледи

  Македонија и Грција по тригодишниот застој ги обновија преговори за решавање на спорот со името, една од главните препреки за европската и евроатланската интеграција на земјата, но и за непречно развивање на односите меѓу двете земји. 

На 12 декември во Брисел се одржаа разговори меѓу медијаторот на ОН Метју Нимиц и претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, во обид да се најде решение за прашањето за името.

Првата средба во спорот стар речиси три децении, не може да даде целосна слика за подготвеноста на Грција за компромис, иако и двете страни покажуваат оптимизам за негово решавање, наведуваат дипломатите.

Македонскиот премиер Зоран Заев во повеќе наврати изјави дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција. Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Заев истакна дека треба да се најде решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, очекува позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија во 2018 година доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.

– По подолга пауза од три години имавме прва средба на преговарачите со медијаторот Нимиц. Договорена е следната да биде по празниците во јануари така што не би требало да се очекува некакво посебно случување во периодот на празниците. Поставена е сцената, процесот е отпочнат, динамиката е воспоставена, вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, исто така е оптимистичен во своите изјави и смета дека овој пат ќе биде поинаку.

Тој го повтори ставот дека е добро во 2018 година да се реши спорот за името со оглед дека, како што посочува, постојат одредени услови кои покажуваат дека тоа може да се постигне. Смета дека нема причина да се одлага решението. Одговорност на Владата е, додава, да најде прозорец на можности за решавање на овој проблем бидејќи земјата не смее да биде заложник на минатото.

Нимиц по разговорите излезе со став дека прашањето треба да се реши во 2018 година, но оти „нема волшебно решение за ново име што може да се појави од никаде и да го реши прашањето“.

Предлог на средбата не е изнесен. Многумина шпекулираа за можната формулација, најчесто изнесуваната беше Нова Македонија, меѓутоа според претставници на власта сето тоа се само претпоставки.

Во моментов се стартува моторот на преговорите, а средбите, како што е предевидено ќе се интензивираат. Ќе се одржуваат секој, месец, следната е закажана за после празниците, во јануари, но превидени се средби и во март, февруари.

А дипломатите велат дека во моментов не е корисно да се шпекулира со конкретен предлог за име, бидејќи сега е најважно да се зацврсти подготвеноста да се реши прашањето.

Оптимизмот за можното решавање на спорот доаѓа од сите страни

Оптимизмот дека во следните шест месеци ќе се најде решение доаѓа од македонската и грчката страна, од Европската унија, САД.

– Атина и Скопје имаат одлична можност да го решат прашањето за името во 2018 година. Лидерството и добрата волја од владите на двете земји се охрабрувачки, истакна Брајан Хојт Ји, заменик помошник државен секретар на САД во интервју за грчката новинска агенција АНА – МПА.

– Преговорите ќе бидат тешки, и двете страни мора да прават компромиси, но изгледа првичните разговори со посредништво на специјалниот пратеник на Обединетите нации Метју Нимиц беа конструктивни, истакнува Ји.

И ЕУ со позитивни коментари за обновувањето на преговорите.

– Сакаме да ја охрабриме Македонија да продолжи по патот на кој тргна. Многу сме среќни со работата на новата Влада. Подобрувањата и напредокот се извонредни и очекуваме овој реформски процес кој го започна премиерот да продолжи, порача претседателот на ЕК Жан Клод Јункер на заедничката прес-конференција во Брисел со Заев на почетокот на декември.

Нагласи дека во напредокот кон точката за отпочнување преговори нема фаворити и дека секоја земја одделно ќе се вреднува според сопствениот прогрес.

Со слична позиција излегоа и високата комесарска на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Национален консензус 

Какво решение и да се постигне во спорот со името потребен е национален консензус во Македонија, но исто така и во Грција. И двете страни се обидуваат да се приближат, почнувајќи од темелите, градејќи ги односите во различни сфери, приближувајќи се преку туризмот, академските кругови, локалните власти, но и двете земји се соочуваат со внатрешно-политички турбуленции, секоја на свој начин.

Македонија доби нова власт, предводена од премиерот Зоран Заев, која меѓународната заедница ја оцени како прогресивна и и даде ветер во грбот за нејзините напори за отворање на земјата кон ЕУ и НАТО и решавање на спорот со името како приоритет за отпочнување на процесот.

Меѓутоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која речиси десет години беше на власт некако не ја прифати промената, често пати ја бојкотира работата на Парламентот и неговите тела, така што останува да видиме како ќе постапи во однос на едно од најважните прашања за земјата од надворешно-политичката сфера.

– Потребно е да се изгради национален консензус за името, а многу од тие елементи на национален консензус во моментов не се јасни, порача Димитров и додаде декиа интензивно се работи на градење на консензусот, во кој треба да бидат вклучени, граѓаните, политичките фактори, инстутициите, сите.

Ова прашање, според Димитров, има таква природа, поради што не може да се реши без граѓаните и додаде дека референдумот е изборно ветување на сите големи партии.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи информира дека Владата е во постојан контакт со претседателот Ѓорге Иванов, чија институција е исто така вклучена во реформите, но и со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата воопшто во однос на потребните реформи.

– Моето барање е да се замрзнат партиските активности во следните шест месеци. Да се фокусираме на една наднационална, надетничка, надпартиска реформа во смисла на испорака на реформите од Планот 3-6-9, но и затворање на отворените политички прашања, за да може наредната година да биде историска за земјава во делот на инеграциите во ЕУ и НАТО, вели Османи.

И Хан иако нагласи дека работите во земјава одат во добра насока истакна дека е важно и опозицијата да ја преземе својата улога и да биде одговорна.

Ставот на Каменос, камен во грчката коалиција

Национален консензус е потребен и во Грција. Таму, пак каменот доаѓа од коалицискиот партнер во Владата на премиерот Алексис Ципрас.

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, чија партија Независни Грци е помал коалициски партнер во Владата на СИРИЗА, во повеќе наврати истакна дека нема да прифати зборот „Македонија“ да биде содржан во името на северниот сосед.

Каменос нагласува дека останува на позицијата утврдена во 1992 година на средбата на партиските лидери под покровителство на тогашниот претседател Константин Караманлис дека терминот „Македонија“ во името на соседната држава не е прифатлива опција за Грција. За промена на таа позизиција, според него, ќе биде неопходен нов состанок со сегашниот претседател Прокопис Павлопулос.

Шефот на македонската дипломатија оваа изјава ја оцени како да е дојдена од некој друг век.

– Сметам дека таквите изјави не водат кон решение, факт е дека наша грижа треба да биде што ние од наша страна можеме да направиме. Наша одговорност е ние да постигнеме национален консензус. Кој, какви ставови има во владината коалција во Грција е нивна одговорност. Ова е 2017 година, ние сме во Европа и таквиот став не е соодветен и не оддалечува од надминување на проблемот, вели Димитров.

Коѕијас, пак во однос на ставот на Каменос вели дека секој има право на свое мислење, но верува дека во грчкиот Парламент е потребно и постои мнозинство пратеници, а не мнозинство партии за евентуалниот договор за името.

Аналитичарите во Грција коментираат дека Каменос предизвикал нервоза во СИРИЗА и сметаат дека ова е време, кога „Ципрас мора конечно да интервенира во однос на министерот за одбрана “. Ставот на Каменос за спорот со името, според нив, може да ги поткопа темелите на владејачката коалиција.

Грчката опозиција веќе неколку месеци предупредува дека не може да има различни ставови меѓу владините коалициски партнери во однос на едно од најглавните надворешно-политичко прашање на Грција.

– Грчката Влада најпрво мора да се консолидира, да излезе со единствен став за можното решение за прашање за името, а тоа ќе биде само почеток, бидејќи Нова демократија дури тогаш ќе почне да прави проценка и доколку оцени дека ставот не е добар, секако постои можност да го отфрли, изјави пратеникот од опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

Грчките медиуми ги анализираат можните следни чекори на Ципрас во однос на прашањето за името и ги споменуваат состанок на Министерскиот совет, седница со парламентарната група на СИРИЗА и тет а тет средба Ципрас – Каменос.

Идентитет и иредентизам

Во целиот процес за Македонија е важно да се стигне до точка кога никој нема да може да спори дека сме Македонци, бидејќи идентитетот е најважен, но, исто така, и отворената перспектива за ЕУ и НАТО, велат дипломатите во Македонија.

Како можна остапка од страна на земјава се споменува промената на името на аеродромот во Скопје. Како можен прв чекор или гест на добра волја од македонска страна со која ќе ја покаже подготвеноста за изнаоѓање решение.

Македонската страна е подготвена на промена на пристапот кон целиот проблем, напуштање на чекорите на напади и конфронтации и приближување кон Грција, бидејќи како што појаснуваат дипломатските извори, со оваа земја треба да сме сојузници, а не непријатели.

Двете држави како никогаш досега покажаа подготвеност, оптимизам и решителност да излезат од оваа незавидна ситуација, која го блокира интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ, но исто така и го поткопува имиџот на Грција на меѓународната сцена, кој беше погоден од должничката криза која неколку години ја потресува земјата.

Во интерес на двете страни е да се пронајде решение, да се реши спорот и да се тргнат од мртвата точка на која се наоѓаат со години, што ќе го отвори патот и за нивното меѓусебно поголемо поврзување и преминување од линијата на спротивставени страни во редот на сојузници, кои ќе придонесуваат за стабилноста и просперитет за целиот регион./МИА

Ана Цветковска