Музејот на современа уметност во Њујорк ќе ја постави изложбата „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“.

Изложбата посветена на архитектурата во поранешна Југославија, создадена во периодот од 1948 до 1980 година, ќе биде поставена од 15 јули, 2018 до 13 јануари, 2019 година.
„Архитектите во Југославија, сместена меѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток, реагирале на контрадикторните барања и влијанија, создавајќи една повоена архитектура што истовремено била во правец на дизајните карактеристични за Европа и светот во тоа време, но и се косела со нив“, стои во најавата на Музејот на современа уметност (МоМА).
„Архитектурата што произлегла е манифестација на радикалната различност, хибридност и идеализмот со кои се карактеризирала самата Југославија како држава.“
Изложбата ќе се состои од над 400 цртежи, модели, макети, фотографии и снимки од бројни локални архиви, приватни збирки и музеи од целиот регион, за дела на истакнатите архитекти од тоа време: Богдан Богдановиќ, Светлана Кана Радевиќ, Кензо Танге…

„Од скулптуралниот ентериер на Белата џамија во рурална Босна, до реконструкцијата на Скопје по земјотресот по дизајн на Кензо Танге, до Нов Белград со неговите огромни станбени блокови, изложбата го опфаќа уникатниот дијапазон на форми и модели на југословенската архитектура со нејзиниот препознатлив, а сепак разнолик карактер.“