Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека Бугарија, со оглед на географската положба, може многу да постигне кога станува збор за добрососедските односи и да помогне во европските интеграции на земјите од Западен Балкан.
Меркел, која е во посета наСофија на покана на премиерот Бојко Борисов, истакна дека Бугарија многу добро се подготвила за претседавањето со Европска унија, потенцирајќи дека во целост се согласува со приоритетите на бугарското претседавање.
– Просперитетот на мирна Европа исто така бара и учество на земјите од Западен Балкан и нивна европска перспектива. Процесот на поврзување мора да се подобри со помош на железничката инфраструктура, на што Германија и Бугарија ќе соработуваат, посочи Меркел.
Таа и се заблагодари на Бугарија за начинот на кој ја штити надворешната граница на ЕУ, додавајќи оти тоа е „тешка задача“.
Германската канцеларка ја поддржа иницијативата на Борисов, заедно со претставницви на Европскиот совет, Европскиот парламент и Европска комисија да организира состанок со турските претставници.