Во река во американската држава Алабама пронајдени се остатоци од дрвен брод, кои би можеле да им припаѓаат на Клотилда, последниот брод кој илегално превезувал робови во САД пред речиси 160 години.

Остатоците од бродот биле случајно откриени, а ги проашол новинарот Бен Рејнс, кој од тогаш е во контакт со експерти кои се обидуваат да утврдат дали навистина станува збор за тој легендарен брод.
Историските податоци зборуваат дека капетанот на бродот Вилијам Фостер по доаѓањето во Мобил Беј 1860 година го потопил и го запалил бродот, а остатоците биле пронајдени недалеку од тоа место.
На пронајдените делови забележани се и трагови од горење, како и техника на градба на бродови, која потекнува токму од тој период.
„Дефинитивно можете да кажете можеби, а можеби и малку повеќе од тоа, бидејќи локацијата е точна, се чини дека градбата е исправна, од вистински период, а се чини и дека бродот изгорел“, изјави Грег Кук, археолог од Универзитетот Вест Флорида.
Џон Братен, кој работи со Кук, смета дека „ништо не укажува на тоа дека е Клотилда, а неколку работи укажуваат на тоа дека се работи токму за тој брод“.
Иако Томас Џеферсон во 1807 година потпишал закон со кој се забранува увозот на робови, во јужна Америка ропството било одамна прифатено.
Бродот во 1860 година испорачал 110 робови – една година пред американската граѓанска војна, а тоа е последен познат случај за брод кој превезувал робови во САД.
Откритието на мистериозните остатоци доаѓа после неуспехот на бројни истражувачи, кои се обидувале да го пронајдат легендарниот брод со години.