(ВИДЕО) Средба Павлопулос – Ципрас: Направени чекори на приближување – за грчкиот претседател иредентизмот во преден план

од desk4
137 прегледи


Грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, во однос на развојот на настаните во македонско-грчките односи, рекол дека се направени некои чекори за приближување, но и тоа дека има знаци на разбирање и добра волја.
Сепак, грчиот претседател Прокопис Павлопулос, повторено го споменал неговиот познат политички став околу прашањето за иредентизмот.

– Мислам дека имаше обид за приближување и се направија некои чекори. И во однос на знак на разбирање дека прашањата за иредентизмот се прашања што треба да станат приоритет кон решавање. Мислам дека е позитивна и знак на добра волја промената на имињата и на аеродромот и на автопатот што ги поврзува двете земји, бидејќи тоа е критично прашање, сите имаме голема чувствителност, никој не може да ја преземе историја на друг народ. Оттука па натаму, мислам дека во следниот период ќе инсистираме на интензивирање на нашите обиди, рече грчкиот премиер и додаде дека неговата влада се обидува да ги реши прашањата што долги години се нерешени.

Грчкиот претседател, говорејќи за Македонија, го спомена иредентизмот како најголем проблем.

– Иредентизмот и елиминирањето на иредентизмот, не е прашање само на Грција, не е тема што ја поставуваме само ние. Треба и нашите соседи да разберат дека е прашање и на Европската унија. Иредентизмот е комплетно спротивен на европското законодавство. Според тоа, било кој тек и до Европската унија поминува преку елиминирање на сите оние иредентистички елементи што постојат во името, му рекол грчкиот претседател на Ципрас, пренесува МИА.

Претходно, во неговиот кабинет, на состанокот што траел два и пол часа, Алексис Ципрас, за резултатите од средбите во Давос, меѓу кои и онаа со македонскиот премиер, разговарал со министрите од неговата влада. Според грчките медиуми, на состанокот, присутни биле, вицепремиерот на владата, политичкото раководство на Министерството за надворешни работи, министрите за внатрешни работи, за финансии, за дигитална политика, за животна средина, развој и енергија.