Амбасадорката на САД во ОН негира дека има љубовна врска со Трамп

од Vladimir Zorba
106 прегледи

 Постојаниот претставник на САД во ОН Ники Хејли ги отфрли гласините дека има љубовна врска со американскиот претседател Доналд Трамп.


– Тоа е сосема неточно. Тоа е многу навредливо и одвратно, рече Хејли во интервју за „Политико“.

Таа изјави дека и порано била предмет на такви гласини, и таа смета дека тие се дело на луѓе кои не ги сакаат успешните жени.

Гласините се раширија откако авторот на скандалозна книга за Белата куќа и претседателската кампања на Трамп во 2016 година Мајкл Вулф навести во американско телевизиско шоу, дека претседателот има љубовна врска.

Вулф, сепак, рече дека нема доволно докази за да ги стави сите детали во својата книга „Оган и бес: во Белата куќа на Трамп”, која стана бестселер по излегувањето од печат овој месец.

– Претседателот поминуваше значително количество лично време со Хејли во „Ер форс уан”, каде што разговарале за нејзината политичка иднина, напиша Вулф во својата книга.

Тој рече дека информациите биле доволни за проникливите читатели да сфатат дека Хајли била вклучена во љубовна врска.

Хејли рече дека Волф ги претставил фактите погрешно. Таа беше еднаш во претседателскиот авион, и во него имало неколку луѓе. Хејли рече дека никогаш не разговарала со Трамп за нејзината политичка иднина, како што тврди Волф.