Голманот на Вардар Арпад Штербик беше најзаслужниот за синоќешната победа на Шпанија над Шведска во финалето на Европското ракометно првенство.
Штербик ја доби наградата МВП за најдобар играч во финалето. Тој изјави дека неговата репрезентација дојде до историското прво злато на евро-шампионатите и дека оди во пензија, но порача дека е тука ако пак затреба.
– За мене ова е крај на репрезентативната кариера, ама ако повторно ме повикаат и ако затребам тука сум. Сепак, се надевам дека нема да има потреба за такво нешто и дека нема да се случуваат вакви повреди. И мора да знаат дека не сум веќе млад, истакна голманот на новиот европски шампион.
38-годишниот Штребик доби повик од селекторот за полуфиналето на ЕП, откако првиот голман Де Варгас се повреди. По само неколку дена тренинг со Вардар им се приклучи на репрезентативните колеги и со своите одбрани беше клучната фигура во второто полувреме кога Шпанците го направија пресвртот.
Шпанија долго ја чека оваа титула бидејќи дури четирипати губеше во финалињата на претходните шампионати на Европа.
„Мене не ми беше тешко бидејќи дојде брзо, но на Шпанија да бидејќи има доста финалиња загубено. Знаев само за тоа кога не победија Германците. Сега велат дека ова е историски успех и драго ми е што моето име ќе биде запишано како дел од тој успех“, изјави Штербик.