Долгогодишното пропаѓање на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е запрено. По повеќегодишен застој, пропусти, па и нестручност во реставрацијата на еден од најрепрезентативните објекти на нашето културно наследство, во оваа година означуваме почеток на нов процес – на стручна, внимателна и одговорна грижа за оваа наша значајна знаменитост која датира од 12 век, истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска на прес-конференција во Курбиново.

На барање на Министерството за култура, рече тој, посебна комисија формирана од Национален конзерваторски центар-Скопје спровела ревизија на активностите за реставрација што претходно се вршеле во Курбиново и донела конкретни активности за наредниот период.
– За да се отстранат сите процедурални и стручни недоследности во конзервацијата на фрескоживописот, комисијата од Министерството и НУ Завод и Музеј – Битола одлучија во понатамошната реставрација и во целиот процес во заштита на црквата да се вклучат и надворешни меѓународни експерти со врвни познавања на византиската фреско-техника чиишто ангажмани ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на понудените предлози од аспект на конструкција и материјали, нивна компатибилност со постојниот автентичен конструктивен систем и директното влијание на фрескоживописот. Исто така, во однос на температурата и влагата во црквата ќе биде ангажиран климатолог кој ќе ги толкува добиените податоци и ќе предложи соодветни мерки во проектот за конзервација и реставрација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, посочи Алаѓозовски.
Министерот истакна дека во Буџетот за 2018 година се обезбедени почетни 2,5 милиони денари, со подготвеност на Министерството за култура тие да достигнат до 15 милиони денари со цел конечната реконструкција, конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата и фрескоживописот на црквата да завршат најдоцна до крајот на 2019 година.
– Во годината посветена на европското културно наследство дополнително се изострува нашето внимание кон преиспитување и унапредување на грижата кон нашето богато културно наследство. Црквата во Курбиново, но и други важни објекти и знаменитости, се запуштени и оставени на забот на времето повеќе години. Наша недвосмислена намера е тоа да го спречиме веднаш. Културното наследство е наш врвен приоритет и ние со секоја наша постапка ќе дејствуваме во правец на поквалитетна и поавтентична заштита на нашето највредно богатство со кое се гордееме во целиот свет, истакна Алаѓозовски.