Владата потврдува: Прокиснуваат 90 проценти од објектите од Скопје 2014

од desk4
111 прегледи

Владата веќе два месеци бара решение за документите од Државниот архив. Барокната зграда во која беше пренесен архивот, неколкупати се поплавува, а архивската граѓа од национално значење е доведена во опасност, информира ТВ24.

Професори од Националниот институт за историја кој беше сместен во старата зграда на Архивот, велат дека токму таа зграда е решение за проблемот и Владата веднаш треба да ги врати документите во старото депо.

„Треба да имате одредена влажност, температура, а сето тоа таму го имаше и го има. Другиот дел од зградата требаше да се пренамени, но не е страшно за буквално утре Државниот архив да се вративо својата зграда“, вели Катерина Тодороска – Национален институт за историја

Архивот беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј пред две години, а отстапените простории ги доби Обвинителството за гонење организиран криминал. И тогаш беа гласни барањата на историчарите да не се сели архивската граѓа, но поранешната владејачка структура остана глува на нивните предупредувања. Актуелните власти се уште не можат да најдат решение.

„Било кое решение не може да биде идеално ниту за јавното правосудство – обвинителство ниту за вработените во архивот.  Приоритетите се да се заштити националното богатство, материјалите и второ важно е архивот да продолжи со својата работа“, вели Миле Бошњаковски – Портпарол на Влада

Дел од професорите го повикаа Јавното обвинителство по допрен глас да го истражи сомнителното селење на Архивот во зграда од проектот Скопје 2014, но дел се песимисти дека тоа ќе се случи бидејќи просториите ги доби токму обвинителството.

„Тие не би покренале ништо, затоа што треба да си одат против себе. Лично јас не верувам. Ќе бидам пресреќна доколку ме демантираат и почнат многу голема процедура, зошто отиде таму архивот и зошто се селеа во декември“, вели Катерина Тодороска – Национален институт за историја

Одговори побаравме и од јавното обвинителството. Дали се истражуваат сомнежите за злоупотреби при изградба на објектите од контроверзниот проект и дали ќе се истражува зошто документите со историска вредност биле доведени во опасност.

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во насока на расветлување на фактите за проектот „Скопје 2014“ достави барање до Општина Центар за обезбедување на дополнителна документација. По комплетирањето и анализата на документацијата ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“

Скопје 2014 го истражува и Специјалното јавно обвинителство, но оттаму не даваат повеќе детали бидејќи се уште се работи за предистражна постапка. Освен зградата на Археолошкиот музеј вредна 42 милиони евра, уште 90 % од барокните објекти се соочуваат со истиот проблем. Пред два дена и директорот на Архивот, Кирил Петров побара од Владата веднаш да ги врати историските списи во старото депо.