Време е подобро да се запознаеме е порака што атинскиот градоначалник преку интервју за МИА ја испраќа до македонските граѓани по средбата со неговиот колега од Скопје, Петре Шилегов. 
Јоргос Каминис во разговор со дописникот на МИА од Атина, говори за важноста на соработката меѓу двете престолнини, дали Скопје и Атина би можеле да се збратимат, а открива дека во прашање се седмици до неговата посета на Скопје. Со Шилегов, вели, ги поврзува и нивната политичка ориентација, и двајцата се социјалдемократи, но најважно од се е волјата за соработка.
Колку беше важна средбата со градоначалникот на Скопје, особено поради тоа што се случува во еден момент додека преговорите за името се стигнати до една клучна точка?
Сметам дека е важна. Важна е затоа што пред се, да соработуваат два главни градови на две соседни земји самото по себе е многу важно бидејќи секогаш треба да имаме добрососедски односи со нашите соседи, но е важна и за периодот во кој се случува. Затоа што сакаме да и покажеме на јавноста во двете земји дека градоначалниците на двата главни градови можат да разговараат, да соработуваат. Ова ги крши стереотипите, ги изолира радикалните гласови што може да постојат и во двете земји и да соработуваме за прашањата од заемен интерес и за прашањата на градовите. Самото по себе е нешто многу важно бидејќи градовите напреднаа во последните години, се случуваат важни работи во градовите, иновација, технологија, градови полни со живот и креативност. Па така, што има подобро од тоа да соработуваш со соседен град, да разменуваш искуства, технички знаења и искуства, да разменуваш посети, да се запознаваш. Соседи сме. Ако меѓу себе не соработуваме, со кој ќе соработуваме?
Се договоривте за некои конкретни теми и прашања?
Постојат некои полиња од заеднички интерес, темите поврзани со заштита на животната средина, со дигиталната технологија, темите за урбано планирање, граѓанското општество. И да стигнеме до еден меморандум за соработка што ќе го потпишеме кога ќе одам во Скопје.
Кога ќе го посетите Скопје?
Немаме се уште одредено, но не е нешто што ќе задоцни. Во прашање се седмици.
Претпоставувам нема да чекате прво да ја видите разврската во разговорите за името, па потоа да заминете?
Не. Гледате дека целосно ги имаме разделено овие работи. Сега возот влезе на шините и оди напред.
Сметате дека можеби на некој начин оваа соработка малку задоцни? Или чекавте да се избере нов, попристапен и поумерен градоначалник за да можете да започнете да соработувате?
Многу помага со еден градоначалник да имаш заеднички размислувања и да одиш напред кон соработка. Со градовите, треба секогаш, особено за соседните градови да имаме отворени канали на комуникација. Но, за да започне една соработка, предуслов е и да постојат заеднички ставови за многу работи. Сега, со изборот на новиот градоначалник, мислам дека имаме една многу добра можност. И двајцата сме социјалдемократи, но не е само ова, туку дека постои расположение за соработка.
Сте размислувале, сте разговарале, да одите чекор понапред кон збратимување на двата градови?
Да ви кажам, општина Атина има десетици збратимувања.
И останале само на хартија?
Да. Многу често остануваат само на хартија. Важно е да постои сериозна соработка и потоа се ќе си дојде.
Бидејќи е актуелно прашањето, не можам, а да не Ве прашам, по средбата со градоначалникот на Скопје, оптимист сте дека би можело да се најде решение во спорот со името?
Јас секогаш сум оптимист. Не можеш да се занимаваш со еден град како што е Атина со проблемите што ги има, но и со сето она со кое што се занимавам, а да не си оптимист. Веќе навлегов длабоко и во политиката. Оптимизмот ти дава сила и силата ти дава оптимизам. Така што, се надевам дека ќе се направи најдоброто. Барем ние, од овој аспект, работејќи на степен на соработката помеѓу градовите нешто што е од голема важност, помагаме во таа насока.
Каква порака би сакале да им испратите на граѓаните од град Скопје, но и од целата земја?
Време е да се запознаеме подобро.
…………………………….
Автор: Сања Ристовска МИА