Крај за Путин? Што вети, а што исполни

од Vladimir Zorba
133 прегледи

  

 

Руската изборна комисија го регистрираше Владимир Путин како кандидат за претседателските избори што ќе се одржат на 18 март. Што вети, а што исполни Путин? 

– Руските граѓани, според мое мислење, можат да дискутираат не само за лошите и добрите особини на политичарите – што само по себе не е лошо – туку и за содржината на политиката и програмата која одредени политичари сакаат да ја спроведат, напиша Владимир Путин во еден напис во јануари 2012 година.

Сепак, тој тогаш како претседателски кандидат не претстави никаква „изборна програма“. На неговата интернет страница можеше да се најде само нацрт-изборна програма на партијата Обединета Русија, без конкретни бројки или цели.

Но, тогаш, кон почетокот на 2012 година, во рускиот печат беа објавени седум долги текстови во кои Путин ја опишува состојбата на земјата и ја претставува својата визија за Русија.

Добро платена работа и помалку сиромаштија

– Создавање 25 милиони нови, високо технолошки, добро платени работни места за луѓе со високо ниво на образование, не е само убава фраза, туку нешто што е итно потребно за минимум благосостојба, нагласи Путин во еден од текстовите.

Подоцна како цел ја постави 2020 година. Но, Русија од таа цел денес е многу одалечена.

Руската служба за статистика Росстат во 2012 година регистрирала 16,37 милиони такви работни места. До 2014 бројот малку се зголеми, за во 2016 да се намали на 15,98 милиони.

– Десет до единаесет проценти од нашите граѓани поради своите приходи живеат под границата на сиромаштија. Од различни причини. До крајот на оваа деценија тој проблем мораме да го решиме, напиша тогаш Путин.

Но, што се однесува на тоа, на крајот на неговиот мандат се бележи назадување. Според податоците на државни финансики инсистуции, на крајот на 2017 година вкупно 20,3 милиони Руси, што значи 14 проценти, живеело под границата на сиромаштија.

Зголемување на платите, пензиите и стипендиите

– Просечната заработувачка во стопанството реално ќе се зголеми за 1,6 до 1,7 отсто – на 40 илјади рубљи во однос на нивото на цените од 2011 година. Номинално ќе биде и повисока, вети Путин пред изборите во 2012 година.

Според официјалните податоци, просечната номинална заработувачка во 2017 година изнесувала околу 38 илјади рубљи. Реалната заработувачка само незначително се зголеми и околу нивото од 2012 година.

Путин, исто така, вети дека стипендиите „за оние на кои им се навистина потребни“ ќе достигнат „егзистенцијален минимун на еден студент“. – Тоа значи зголемување на стипендиите за пет илјади рубљи месечно, нагласи Путин.

Но, исплатите на студентите не беа ни близу до она што го најави Путин. Академсксата стипендија во моментот изнесува околу 1.500, а социјалната стипендија нешто повеќе од 2.000 рубљи.

Путин, исто така, вети дека  ќе ги зголеми пензиите и тоа на начин што „нема да ги изеде растот на цените“. Тоа го исполни. Генерално за време на неговиот мандат висината на реалната тензија малку се зголеми.

Диверзификација на економијата и повеќе правда

Пред шест години Путин се залагаше и за деверзификација на економијата во земјата, „каде покрај денешниот комплекс на горива и енергии, ќе бидат развиени и други конкурентни области“. Тој вети дека до 2020 година „уделот на високо технолошките и интелектуалните области во бруто домашниот производ ќе се зголемат за 1,5 отсто“.

Според податоците на Росстат, таа вредност во 2011 година изнесувала 19,7 проценти, а до 2016 се зголемила на 22 проценти.

Ветено е и дека високо технолошкиот извоз ќе биде удвоен. Неговиот удел во извозот во 2013 година изнесувал 10,2 проценти, а во 2016 година се зголемил на 14,2 проценти. Податоци за минатата година се уште не се објавени.

– Со намалувањето на инфлацијата и хипотеките би требале да бидат поповолни, бараше Путин во 2012 година.

Тогаш просечната каматна стапка за хипотека изнесуваше 11,9 проценти. За време на најголемиот дел од неговиот сегашен мандат стапката изнесуваше над 12 проценти.

Како што се приближуваат изборите, каматната стапка се повеќе се намалува. Во декември 2017 година изнесуваше 10,78 проценти.

Уште една важна задача која ја постави Путин беше „намалување на материјалната нееднаквост“. Тука има само минимални промени.

Според податоците на Росстад, во 2011 година уделот на 20 отсто најбогати Руси во вкупниот приход на земјата изнесувал 47,4 проценти, додека уделот на 20 отсто најсиромашни граѓани изнесувал само 5,2 отсто. Во 2016 година уделот на најбогатите изнесувал 47,1 а на најсиромашните 5,3 отсто. Податоци за 2017 година се уште нема.

Подобра работна клима и избалансиран буџет

Путин во 2012 година како цел го постави и подобар рејтинг на својата земја на листата на Светска банка, Дуинг Бизнис. Тој укажа дека соседен Казахстан е на 47-мо место, а Русија дури на 120. Тој најави дека до 2018 година Русија ќе се најде меѓу првите 20 земји. Таа цел е само наполу остварена. Кон крајот на 2017 година, Русија беше на 35-то место – едно место пред Казахстан.

Путин се надеваше и дека „долгорочно ќе ја врати рамнотежата меѓу државните приходи и расходи“. Но, во текот на сите години од неговиот мандат имаше буџетски дефицит. При тоа, речиси секогаш се зголемуваше јазот меѓу приходите и расходите.

Дефицитот од 12 милијарди рубљи од 2012 година е незначителен. Но, во 2013 година и 2014 година ја надмина цифрата од 300 милијарди рубљи, а во 2015 година изнесуаше речиси два билиони и во 2016 , три билиони рубљи. Минатата година, според прелиминарните податоци, дефицитот изнесувал околу 1,5 билиони рубљи./DW