Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:

Ѓорге Иванов, претседателот на државата, и Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со партискиот врв ги отпочнаа своите активности за попречување на Република Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Со византиски игри и со преку ноќ осмислена кампања со сомнително нагласена ориентација кон Запад, ЕУ и Америка, но истовремено со тврд став да нема компромис со Грција и за непроменливост на уставното име, опозицијата и претседателот на државата најавуваат влез во опасна популистичка авантура. Тоа се прави на многу перфиден начин со манипулација на јавноста дека е можно членство во НАТО и во ЕУ со некакви трикови и лажни компромиси.
Претседателот Ѓорге Иванов јавно го прозива претседателот на Владата, Заев, да каже што се договорил во Давос, оти тој за тоа ништо не знаел. А, дознал дека има нешто загадочно во пораките на Коѕиас, министерот за надворешни работи на Грција. Навистина, многу деликатна и сомнителна ситуација кога претседателот на државата дознава од грчки министер дека имало нешто договорено меѓу премиерите Заев и Ципрас, а тој за тоа ништо не знае. Ашиќаре се работи за предавство на Македонија, штом за тоа не е информиран претседателот на државата. Така е тоа кога повеќе му се верува на Коѕиас, отколку на Заев.
Втората порака која индиректно е поврзана со претседателот на државата Ѓорге Иванов е бајата вест од пред три месеци која стана многу шокантна деновиве откако доби актуелност со преобјавување во ново руво. Имено, претседателот на државата веќе свршил работа Македонија да влезе во НАТО без да го промени уставното име. При неговата посета пред три месеци на Лондон во Долниот дом на лордови му било кажано од прва рака на нашиот претседател дека лордовите имаат ниет да се обратат до владата на Британија таа да се заземе Македонија да стане членка на НАТО без оглед дали ќе го смени името или не. Аууу, каков подвиг. Повторното емитување на оваа вест склопена за денешни потреби предизвика бура на македонските ранобудни тераписки телевизии и социјални мрежи. Британските лордови ќе прателе писмо на владата и на премиерот г-ѓа Меј да внимава на Македонија. Прифаќањето на ваква небулоза може да помине само кај луѓе кои навистина ништо не знаат не само за начинот на функционирање на британскиот Парламент, туку и за односите меѓу Велика Британија и Грција. Таква една будалаштина соопштена по три месеци од настанот треба да предизвика аларм во јавноста да не се брза и да не се направи никаков компромис со Грција бидејќи безмалку работата ја завршил претседателот Иванов во договор со лордовите од Долниот дом.
Христијан Мицкоски во Америка, како да се спуштил од Марс, игра на картата дека Американците се наивни и не знаат што во изминатите години се случувало во Македонија, па им ја продава на Шукаре басмата која ги пушта најубавите бои по подолго перење. ВМРО-ДПМНЕ да ти била прозападно ориентирана десничарска партија која во Америка гледа најголем пријател и стратегиски партнер. И, не само тоа, туку ВМРО-ДПМНЕ не гледа друга алтернатива за Македонија освен целосната свртеност кон Запад, а најважна стратегиска определба е влез во НАТО и во ЕУ. Човек да се крсти со две раце што би рекол знаменитот Ѓорге Марјановиќ. Се разбира, во вакви пригоди внимателните домаќини можеби не ги поставиле прашањата на кои добро ги знаат одговорите. Како тоа за цели 10 години партиските и провладини медиуми и новинари на ВМРО-ДПМНЕ водеа жестока антизападна и антиамериканска, анти НАТО пропаганда како најголеми виновници за сите наши несреќи.
Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.