Се интензивираат преговорите, Коѕијас доаѓа во Скопје

од Vladimir Zorba
70 прегледи

  Се интензивираат преговорите на министерство ниво за решавање на спорот за името по најавите за доаѓањето на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Македонија.

Macedonian flag with Greek flag on a tree stump isolated

Од македонското Министерство за надворешни работи за МИА соопштија дека Коѕијас ќе дојде во Скопје до крајот на февруари или почетокот на март, а не како што претходно најавија грчките медиуми, во текот на неделава.

Како причина за пролонгирањето на посетата на Скопје се наведуваат згуснатите и веќе претходно договорени агенди на двајцата министри, Никола Димитров  и Никос Коѕијас.

Претходно, грчката телевизија „Алфа“ објави дека шефот на грчката дипломатија во следните денови ќе дојде во Скопје. Во прилогот емитуван во централното издание на вестите, новинарката повикувајќи се на свои извори, вели дека започнува клучна недела за преговорите, а Коѕијас на неговиот македонски колега ќе му ја достави нацрт-спогодбата што ја подготвува грчката страна.

Оптимист дека ќе се најде решение до Самитот на НАТО е и македонскиот премиер Зоран Заев, кој во интервју за австриската радиостаница ОРФ, вели дека верува оти успешно ќе завршат преговори до јули. Премиерот нагласува дека влезот на Македонија во НАТО е повеќе од извесен, доколку се пронајде решение за спорот.

– Имаме автоматска покана, што значи дека членките на НАТО ќе почнат со ратификација на нашето пристапување, откако ние и Грција ќе најавиме дека спорот е решен, вели Заев.

Според поранешниот германски амбасадор во САД и сегашен претседавач со Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер, патот на Македонија кон ЕУ и НАТО требал одамна да биде одблокиран. – Патот на Скопје кон ЕУ и НАТО треба да се одблокира. Тоа требаше одамна да биде сторено, напиша Ишингер на неговиот твитер профил.

Умерен оптимизам за постигнување решение на името изразува и поранешниот грчки амбасадор во Македонија, Јоргос Какликис, кој во разговор за CNN.GR, се потсетува на периодот кога бил амбасадор во Македонија и моментот кога во 2001 двете земји биле на чекор до решение откако грчката влада покренала иницијатива за разговори во Скопје.