Пејовски: Долгометражниот игран филм е највисока форма на изразување на еден режисер

од Vladimir Zorba
86 прегледи

   Во Кинотеката на Македонија вечер од 18 часот ќе биде прикажан психолошкиот трилер „Три дена во септември“ на режисерот Даријан Пејовски а, како што најави продукцијата „Скопје филм студио“, ќе присуствува и дел од екипата. По две и пол години од премиерата, дебитантскиот игран филм на Пејовски и натаму е присутен на фестивали.

На шестиот „Balkan Florence Express“ кој деновиве се одржа во Фиренца, филмот доби награда „Балкански мостови“. Фестивалот е преглед на најдобрата и најновата продукција на документарни и долгометражни филмови од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија, а наградата им се доделува на режисерите кои пред сè успеале да ги зајакнат човековите права во своите филмови.

Пред неколку дена „Три дена во септември“ ја доби наградата „Балкански мостови“ на фестивал во Италија – оценет за најдобар во регионот и тоа од филмските критичари. За што конкретно се доделува оваа награда и кажете ни нешто повеќе за фестивалскиот живот на вашиот прв долгометражен филм?

Да бидам искрен, не ни знаев дека фестивалот е од компетитивен карактер. Згора на тоа, филмот е веќе три години стар, така што навистина не очекував дека ќе биде награден. Инаку, фестивалот „Balkan Florence Express“ e посветен на балканската кинематографија.

Особено ми е драго што во конкуренција беа навистина подобрите филмски остварувања што излегоа од регионов изминативе години.

„Три дена во септември” ја имаше светската премиера во конкуренција за дебитантски филмови на фестивалот од А категорија во Монтреал. Потоа бевме во Чикаго, Котбус, Синедејс во Скопје, Братислава, Едрене, ФЕСТ во Белград, Виена итн.

Според резултатите за прифатени проекти за поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм, ќе снимате краток документарен филм насловен „Скопскиот Феникс“. Што е темата на филмот?

Се работи за краток, авторски, документарен филм, сместен во Старата скопска чаршија. Тоа е едно магично, филмско место кое мислам дека отвора широк простор за богат визуелен третман. Проектот е во развој, и сме во фаза на истражување, така што, за сега не можам да ви кажам ништо повеќе.

Во овој период сте актуелен и како режисер на епизоди во трите ТВ-серии („Фамилијата Марковски“, „Преспав“, „Инсајдер“). Колку е различен овој креативаен процес во споредба со правењето филм и дали тука повеќе се наоѓате?

За разлика од „Преспав” и „Инсајдер”, каде што бев режисер на епизоди, заедно со уште неколку колеги, „Фамилијата Марковски” ја работев сам, и пристапот беше малку поинаков, пофилмски. Серијата беше исклучително гледана, и драго ми е што публиката ја прифати. Секое снимачко искуство е драгоцено, запознав нови луѓе, прекрасни млади актери и филмски професионалци.

Иако процесот е сличен, темпото на работа на серија и на филм е сосема поинакво. Исто така, без оглед на пристапот, и продукциската вредност на еден телевисики проект, сепак станува збор за два различни медиуми. Долгометражниот игран филм не може да се спореди со ништо, и сметам дека сè уште е највисоката форма на изразување на еден филмски режисер.