Дугин: Вие сте Македонци, ние сме Руси зошто да го менувате името

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Во однос на спорот за името со Грција, тој е дециден дека тоа е работа само на Македонија, а тоа е вели, и ставот на Кремљ.

Доколку македонскиот народ одлучил да чекори кон НАТО, Русија ќе ја почитува таа одлука и нема да застане на патот, вели рускиот политички аналитичар, кого западните медиуми го сметаат за главен советник на претседателот на Русија Владимир Путин.

– Нема да застанеме, затоа што ние ја почитуваме одлуката на македонскиот народ. Вие може да велите дека за тоа ќе имаме некое влијание, но не е така. Нашата политика е во насока на создавање повеќеполарен свет. Во овој момент ние имаме многу нови пријатели, и се повеќе сме уверени и отворени кон нив. Но доколку нашето пријателство било кому не му е потребно, ние со жалење само ќе го констатираме тоа – вели Дугин во интервју за ТВ21.

Во однос на спорот за името со Грција, тој е дециден дека тоа е работа само на Македонија, а тоа е вели, и ставот на Кремљ. Смета дека никој нема ултимативно право да лиши еден народ од своето име или идентитет.

 – На пример нас да не условат со тоа дека Русија ќе се врати во „Г8“, ако се откажеме од името Русија, нашиот народ тоа нема да го дозволи. Ние сме Руси, вие сте Македонци, вие се чувствувате како Македонци. Зошто да го менувате името – додава Дугин.

Александар Дугин заедно со Леонид Савин, вториот советник на Путин,  во Скопје учествуваше на панел расправа насловена „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“ организиран од политичката партија „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев.

„Идеолог на Путин“, „мозокот на Путин“, „новиот Распутин“, филозофот Александар Дугин велат дека го кажува тоа што Путин го мисли. Го нарекуваат и човек што владее од сенка, за да го нагласат неговото влијание во надворешната политика на Русија.

Според Фактор.мк, Дугин е екстремен руски националнист и заговорник на рускиот империјализам, а жесток критичар на либерализмот. Професор по социологија на реномираниот Московскиот државен универзитет Ломоносов, истакнат писател, советник на клучните политички и воени фигури во Русија и гласноговорник на националистичката филозофија на Кремљ.

Меѓу неговите контроверзни ставови се и анти научните гледишта, неретко повикува да се забранат инвестирањата во науките, физиката и хемијата, а исто така смета дека треба да се забрани интернетот. За него пишуваат и дека е најопасниот филозоф во светот.

Во Меѓународното евроазиско движење му се придружува и Леонид Савин, кој му е денеска близок соработник.

Дугин и Леонид Савин изминативе денови беа и во Србија, каде се често присутни. Таму одржаа неколку предавања и ја промовираа својата книга „Мрежни војни“, во која пишуваат за новите методи на војување, без вооружени судири.

Често предупредуваат дека е загрозена Српската православна црква, а овој пат предупредија дека Америка води мрежна војна. Мрежната војна, според нив, опфаќа влијание врз системот на вредности, предизвикување на кризи и дестабилизирање на државите. Според нив главна улога во оваа војна имаат социјалните мрежи.

Што ги поврзува со „Единствена Македонија“? Ова е партија која на почетокот на годината се ребрендираше во проруска опозиција, по примерот на „Единствена Русија“ на Путин. Претходно се нарекуваше „Народно движење за Македонија“. Нејзин претседател и понатаму е Јанко Бачев.  Присуството на Дугин и Савин во Македонија може да се сфати како намера на Русија да го прошири своето влијание во земјава, заклучува Фактор.

Слични содржини