Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), утре ќе одржи прес-конференција на која Македонската опера и балет ќе ги изнесат барањата за нов закон за култура, за продолжување на рокот за систематизација и да се обезбедат пари за унапредување на заслужните.

Денеска, преку сооптение најавија дека ќе поднесат Барање до Министерството за култура за итен почеток на процесот на изготвување на нов Закон(и) за култура во чие креирање ќе бидат вклучени претставници на синдикатите и носителите на дејностите во културата.
Вработените во културата веќе 9 месеци чекаат Министерството да го отвори најгорливото прашање – изготвувањето на нов Закон за култура, за кое освен искажаната волја во Националната стратегија и акцискиот план за нејзина имплементација, од страна на Министерството сè уште нема прагматични чекори, ниту конкретна најава за почеток на процесот.
Исто така, најавија Барање до Министерството за информатичко општество и администрација за пролонгирање на рокот за изготвување на систематизации, рокот за доделување решенија за распоредување на вработените и менување на статусот „даватели на јавни услуги“ во Законот за вработените во јавен сектор.
Вработените во институциите од културата се соочуваат со спроведување на субјективни и неиздржани систематизации и со тоа доделување на нови неадекватни решенија за распоредување на работното место кои ги повредуваат нивните права од работен однос. Статусот на „даватели на јавни услуги“ е деградирачки и навредлив за носителите на дејноста во културата.
Барање ќе поднесат и до Министерството за финансии за одобрување на средства за унапредување на вработените кои стекнале повисоки стручни и уметнички звања.
Вработените во институциите од културата речиси десет години се спречени да бидат исплатени за својот стручен и уметнички напредок кој е формално потврден од Министерството за култура, но не е финансиски валоризиран поради ставот на Министерството за финансии за забрана на вертикални унапредувања. Ваквата состојба е апсолутно дестимулирачка за вработените во културата.