Традицијата и трагедијата на Евреите во постојана поставка на Меморијалниот центар

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

   Кон крајот на април ќе биде промовирана постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија каде што од септември, откога е затворен за посетители, се работи на преуредување на просторот во кој ќе биде сместена сеопфатна приказна за Евреите. Од отворањето на Центарот пред седум години, таа ќе биде прва перманентна изложба која мултимедијално ќе ја раскажува историјата и културата на сефардските Евреи, нивното населување на Балканот и страдањата во Втората светска војна.

Сето тоа, како и најважните елементи од нивното духовно наследство, ќе биде доловено со експонати (автентични или реплики), текстуални прикази, фотографии и филмови, визуелни и звучни ефекти и сценографии. Околу 3,5 часа ќе трае обиколката за оние посетители кои ќе бидат подготвени за интегралната приказна т.е. да ги видат и слушнат сите содржини што ќе ги нуди поставката.

Нејзин креатор е Мајкл Беренбаум од Berenbaum Jacobs Associates, прв програмски директор на Меморијалниот центар на холокаустот во Вашингтон, кој бил директор и на американската фондација „Шоа“ при документирањето сведоштва на преживеаните во холокаустот.

Во тимот на Berenbaum Jacobs Associates е и дизајнерот на изложбата Едвард Џејкобс кој работи на монтажата на експонатите во Меморијалниот центар во Скопје. За МИА рече дека изложбата ќе ги раскаже спецификите на еврејската приказна и ќе ги издвои нејзините универзални импликации. Од наративен аспект, таа ќе почне од антиката и ќе дојде до сегашноста.

– Во вториот дел доаѓаме до холокаустот. Таа приказна ве обзема, премногу е моќна и тешка, особено историјата на македонските Евреи. Тука, практично, е уништена целата еврејска заедница. Поради уникатноста на приказната, ова не може да го правите никаде на друго место и таа би имала значење само овде. Затоа и начинот на кој ја раскажуваме мора да биде единствен и хронолошки. Турата мора да биде директна и прецизна. Не може да се оди така како што секој ќе посака, за да се добие точната идеја за редоследот на настаните и како тие се случувале. Начинот на кој се раскажува е исклучително уникатен. Никаде нема сличен музеј на холокаустот, изјави дизајнерот Џејкобс, кој бил советник во меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем“ во Израел.

Во Меморијалниот центар се работи на тематско обликување на секој агол, ходник, скали… кои ќе бидат засебени целини во големата приказна. Со филм ќе биде прикажана синагога која во еврејската култура се појавила откако Римјаните го разурнале Вториот храм во 70 г. н.е. Повеќе немале свој храм, па раселени низ светот почнале да го носат храмот со себе, да ги градат синагогите онаму каде што се населувале и тие станале централно место на еврејските заедници.

За доаѓањето на Евреите на Балканот на изложбата ќе говори една реплика од синагогата од Стоби со реплика од столбот пронајден во неа.

– Малку е познат фактот дека една од најстарите ако не и најстарата синагога вон Израел се наоѓа во Македонија, односно во античкиот град Стоби и била откриена на почетокот на 20 век, рече Горан Садикарио, директор на Меморијалниот центар на холокаустот кој ни откри некои сегменти од трајната поставка што ја подготвуваат.

На изложбата ќе има опис на сараевската Хагада – артефкат што сефардските Евреи го донеле на Балканот. Била напишана во средината на 14 век во Барселона и донесена во Сараево каде ги преживеала двете светски војни и опсадата на градот во 1990-тите. Со  Хагадата ќе се поврзе и приказната за еврејскиот празник Песах – ослободувањето од ропството во Египет, талкањето по пустината 40 години, земањето на пишаниот збор – десетте Божји заповеди и доаѓањето во ветената земја Израел…

Изложбата ќе раскажува за животот на Евреите за време на Византиската империја, а потоа и за животот во Шпанија до инквизицијата и нивниот прогон во 1492 година во Португалија, а подоцна и во останатиот дел од тогаш познатиот свет. Ќе го следи нивното доаѓање на Балканскиот Полуостров со митот дека султанот Бајазит Втори пратил бродови во Барселона за да ги евакуира и да ги донесе на Балканот, изјавувајќи дека шпанскиот крал не бил толку мудар штом ги избркал Евреите: „Не знае што загубил, но тоа е придобивка за Отоманската империја“. Печатарската дејност е една од придобивките што Балканот ја добил од сефардските Евреи, па на изложбата ќе биде претставена и печатарска машина.

Понатаму таа ќе го води посетителот низ приказната за животот во трите големи еврејски маала во Скопје, Битола и Штип, животот во периодот на Кралството СХС и Кралството Југославија, рестрикциите врз Евреите од крајот на 1930-тите, појавата на нацизмот во Германија, репресивните мерки и расните закони познати како нирнбершки закони, окупацијата на Македонија во Втората светска војна и просекуцијата и антисемитските закони што важеле во сите окупирани територии.

– Посебен дел од изложбата ќе го третира Монополот (Тутунскиот комбинат) каде Евреите биле собрани на 11 март 1943 и таму биле до депортирањето во Треблинка на 22-ри, 25-ти и 29 март. За престојот во Монополот ќе има два филма – за сведоци кои биле во Монополот но ослободени поради фактот што биле доктори и фармацевти или нивните фамилии имале доктори или, пак, имале шпански или италијански пасоши. Ќе има и филм за самата депортација и „животот“ во вагоните. Во посебен дел ќе биде опишан логорот на смртта Треблинка во кој се убиени 7 144 македонски Евреи заедно со над 900 000 луѓе. Филмот ќе биде 3Д приказ за изгледот на логорот, а ќе бидат опишани и сите логори на смртта, раскажува Садикарио.

Место во постојаната поставка ќе има и приказната за движењето на отпорот и учеството на Евреите во НОБ, за луѓето што ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи и кои од Израел се прогласени за праведници меѓу народите. „Присуство на отсуството“ е сегмент на изложбата посветен на оние што се одведени и убиени и на преживеаните кои го исчекуваат враќањето на своите најблиски… Прошетката низ трајната поставка ќе заврши со основањето на Државата Израел и мигрирањето на Евреите од цел свет таму по завршувањето на Втората светска војна, а на крајот ќе има и филмска презентација за еврејската заедница денес.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија соработува со сите меморијални центри низ светот. Македонски професори одат на летната школа во „Јад Вашем“ во Израел, а нивни предавачи доаѓаат на семинарите што ги организира нашиот центар.

– Со меморијалниот центар во Вашингтон имаме, исто така, одлична соработка во истражување и размена на документација која се однесува не само на македонските Евреи, туку и на Евреите од регионот. Со Меморијал де ла Шоа од Париз потпишавме договор за соработка за едукативни семинари кои се организираат веќе три години, рече директорот на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Соработката со Меморијал де ла Шоа (Memorial de la Shoah) е регионална зашто семинарите ги посетуваат македонски професори и нивни колеги од Грција и од Бугарија.

– Организиравме семинар за македонски и бугарски професори по историја овде, во нашиот центар. Се покажа дека професорите сакаат да соработуваат на оваа тема, без разлика што во Бугарија и во Македонија има различно читање на историјата. Веќе е договорено во септември да има возвратен семинар за македонски професори кои ќе одат во Бугарија, а во октомври кај нас ќе дојдат дваесет грчки професори за едукација за холокаустот, рече Садикарио.

Според него, темата за холокаустот не е доволно застапена во македонските учебници но, рече, ја ценат препораката од Бирото за развој на образованието од 2012 година до директорите на училиштата – учениците и наставниците да ги посетуваат предавањата во Меморијалниот центар и вонннаставно да добијат нови знаења кога учат за Втората светска војна.

– Разбираме дека промената на учебниците е сложена и скапа работа и затоа сме задоволни од препораката да се посетуваат проектите што ги развива Меморијалниот центар. Битно е што има разбирање од Министерството за образование и наука и од Бирото за потребата во едно современо општество да се изучува историјата, а посебно холокаустот како пример за девијантно однесување и за трагедијата што може да му се случи на еден народ, но и на едно општество, рече Садикарио.

Одлична соработка имаат и со самите ученици, па проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи“ кој го организираат петта година, пред три години беше избран меѓу 200 други за презентација во Европскиот парламент во Брисел на Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот. Тоа значи, рече, дека институцијата е добро етаблирана не само во македонското општество, туку има и меѓународна препознатливост.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше отворен на 10 март 2011. Се наоѓа во Еврејското маало каде што македонските Евреи имале обичен, секојдневен живот заедно со другите нивни сограѓани до кобната ноќ 10/11 март 1943, кога биле собрани од нивните домови и доведени во Монополот. До крајот на месецот биле во три наврати депортирани со вагони во Треблинка од каде што никој не се вратил.

Центарот почна да се гради во 2005 година со пари од нивните имоти за што претходно беше донесен закон за денационализација и формиран фонд од имотите. Во првата година од работењето Меморијалниот центар имал 100 000 посетители, а од 2012 до 2017 годишно просекот на посетеност бил околу 35 000, од кои голем дел се основци и средношколци. Странски гости има најмногу во летните месеци.

Затворен половина година, идниот месец Меморјалниот центар на холокаустот повторно ќе ги отвори вратите за посетители, за што директорот Садикарио вели: Ќе имаат можност да се запознаат не само за трагедијата на Евреите, туку и за нивниот живот, како и за сефардските обичаи и култура кои опстојувале до 1943 и кои ние, наследниците на таа голема еврејска заедница, се обидуваме да ги одржиме во живот.

Хатка Смаиловиќ      МИА