Европската унија очекува целосно спроведување на сите договори произлезени од дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел, вклучувајќи го и оној за формирање на Заедницата на српски општини, изјави денеска портпаролот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчиќ.
– Очекуваме како и секогаш и тоа веќе подолго време, целосна имплементација на она што беше договорено во дијалогот. Ова се однесува и на прашањето за договорот за Заедницата, како и за други договори, како што е и договорот за енергетиката. Тоа се нашите очекувања и работата во таа смисла е интензиврана, изјави Коцианчиќ во пресрет на новата рунда од техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, што треба да започне попладнево во Брисел и ќе трае до среда.
Според неа, претстојните преговори се конкретен доказ дека ЕУ работи во правец на остварување на своите заложби.
Коцијанчиќ нагласи дека за време на новата рунда на дијалогот ќе се говори токму на темата за реализација на веќе постигнатите договори.
– Конкретно тоа се Заедницата на српските општини, енергетиката, интегрираното управување со границите, мостот во Митровица и слободата на движење, најави Кочијанчиќ.
Таа додаде дека по тридневниот технички дијалог на крајот од неделава во Брисел ќе се одржи уште еден состанок во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Високата представничка Федерика Могерини ги повика претседателот (Александар) Вучиќ и претседателот (Хашим) Тачи в петок на состанокот на највисоко ниво, каде што ќе разговараат за целосната нормализација на односите, но исто така ќе разгледаат и како се спроведува договореното од дијалогот, најави Кочијанчиќ.
Белградската делегација на денешните разговори на експертско ниво ги предводи директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ, а делегацијата од Приштина ја предводи Авни Арифи