„Кој сака да црта демони, богови, чуми, караконџули и други добри и лоши чудовишта од нашата митологија и демонологија, еве можност заедно да го направиме тоа“ – Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД) од Институтот за етнологија и антропологија вака ги повикува, пред сè, средношколците и студентите да учествуваат во стрип-работилница и со својот талент за цртање да визуелизираат некои натприродни ликови за кои постојат верувања во скопското поднебје.

Се работи за четиримесечен (април-јули) проект, насловен: „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ за кој МСЕД доби средства на конкурсот за проекти од областа на културата на Град Скопје. Во текот на првиот месец пријавените цртачи ќе истражуваат за демонските и митолошките суштества од стручна литература за народната митологија и демонологија. Вториот месец ќе почнат со стрип-илустрирање на нивниот изглед и карактер.
Во наредните два месеца (јуни-јули) како резултат од проектните активности ќе се подготвува за печат и ќе биде објавена збирка со илустрации. За секоја ќе има и текст од илустраторот како појаснување за она што се гледа: самиот лик, заднината, деталите итн.
Во истражувачкиот дел ќе бидат ангажирани етнолози и антрополози, а за создавањето на стрипот учесниците ќе бидат обучувани од стрип-авторите Давор Драмиќанин и Здравко Гиров.
– Работилницата ќе почне во текот на април. Бројот на кандидатите би требало да биде околу 15. Ќе бидат вклучени студенти и средношколци од Скопје, но и сите други кои имаат желба да илустрираат митолошки и демонолошки суштества: вампири, вампирџии, џинови, волшебнички, ѓаволи, караконџоли/ки, ламји, нави/навјаци, облаци и многу други. Целта на проектот е да се илустрираат овие суштества и божества од македонската и албанската народна митологија и демонологија, карактеристични за скопскиот регион, вели за МИА Инес Црвенковска-Ристеска, доцент на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во истражувачкиот дел на проектот, покрај неа, ќе бидат вклучени и Виктор Трајановски, асистент на ИЕА, и Наташа Чакаровска, дипломиран етнолог на Институтот.
Претстави за демонолошки суштества, вели Црвенковска-Ристеска, се среќаваат во народната култура во сите делови од Македонија, но некаде имаат различни карактеристики. Според народните кажувања за вештерката, на пример во Скопската Котлина, се верувало дека таа е душата на некоја стара жена, која излегува од телото додека спие, и низ селото се движи во вид на светлина.
– Се верувало дека една жена, девојка може да стане вештерка од раѓање (ако е жената лоша, распуштеница, мртвородена, па оживеана итн.), но вештерка можело да стане и ако изврши неколку обредни дејства: да го земе првото снесено јајце од црна кокошка предизгрејсонце на Величетврток и да го носи подмишка сè додека не се изведе пилето. Потоа жената се мачка со крв по телото и така останува 40 дена, сè додека во глуво доба обредно не се измие со вода од лева воденица и самовилски билки. Тоа е знак дека се предава на ѓаволот, а таа станува вештерка итн, објаснува Црвенковска-Ристеска.
Стрип-илустраторот Здравко Гиров за МИА вели дека нема конкретна техника за нагласување на чудовишноста кога се цртаат нереални ликови и дека повеќе е работа на светло, сенка и кадрирање бидејќи и од аголот на поставеност на ликот зависи дали впечатокот ќе биде моќен или слаб.
– Ова во спрега со основите од човечка анатомија и некои финти при изведбата на текстурите (крзно, кожа, камен итн.) помага за успешна реализација на еден ваков лик, рече Гиров.
Во однос на тоа дали постојат разлики во начинот на кој се црта експресија на добар или зол карактер, Гиров наведува дека принципот е, генерално, ист и за добар и за лош лик, со тоа што се прават мали нијансирања во изведбата и пристапот кон карактерот.
– Најголемата разлика е во очите и доловувањето на погледот кој би го изградил карактерот. Секако, според нас е позабавно да се работи на зол лик бидејќи дава одредена слобода при интерпретацијата, додава Гиров.
Пријави за учество на стрип-работилницата се примаат на мејлот: [email protected]. Од Македонското студентско етнолошко друштво сметаат дека со овој проект ќе се зголеми бројот на стрип-ликови кои произлегуваат од локалната култура на Скопје и дека тој ќе придонесе и пошироката јавност да се запознае со некои народни верувања карактеристични за скопскиот регион.
Хатка Смаиловиќ МИА