Во Велика Британија пристигнаа меѓународни експерти кои ги тестираат примероците од нервниот агенс, искористен при обидот за убиство на руски шпион и неговата ќерка. Како експертите ги следат најтоксичните хемикалии во светот?
По собирањето на примероците од отровот, употребен врз Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, тимот од Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) ќе спроведе голем број тестови.
Владата на Велика Британија тврди дека употребената супстанца е „Новичок” – група нервни агенси, за кои се тврди дека се „складирани” од Русија, која пак е „виновна” за нападот. Властите ги отфрлаат тврдењето на Русија дека отровот доаѓа од научна лабораторија на Министерството за одбрана на Велика Британија.
Работата на ОПЦВ е дел од меѓународниот режим на контрола кој одредува што е, а што не е дозволено, кога се во прашање токсичните хемикалии.
Тоа е утврдено со Конвенцијата за хемиско оружје од 1997 година, која е усвоена од 192 држави. Само Северна Кореја, Египет и Израел не ја ратификувале Конвенцијата, но сепак се обврзани со одредбите согласно меѓународното право.
Персоналот на Конвенцијата, инспектори од ОПЦВ стационирани во Хаг, го контролираше уништувањето на околу 97 отсто од пријавените глобални залихи на хемиско оружје. Државите се согласија никогаш да не произведуваат, да чуваат или користат хемиско оружје, ниту да им помагаат на другите да го сторат тоа. Исто така се бара да пријават какви резерви на хемиско оружје имаат и каде можат да бидат произведени такви оружја.
Инспекторите на ОПЦВ ги користат тие пријави за ревизија на уништувањето на хемиското оружје и производствените капацитети – процес кој треба да се оствари во рамките на 10 години.
Повеќето земји одговарија на овој рок, но Русија, која ги наследи резервите на хемиско оружје на СССР и САД – не. 
Квантитативниот обем на нивните арсенали, техничкиот предизвик на разоружувањето и трошоците предизвикаа доцнења. Пред неколку месеци Русија соопшти дека завршила со уништувањето на речиси 40.000 тони агенси – најголемата залиха во светот. Тврдењето на Русите не подлежи на сомнеж, бидејќи процесот се одвиваше под будното око на инспекторите на ОПЦВ.
САД уништија околу 90 отсто од пријавените резерви, а 2021-2022 година е крајниот рок во кој се мора да заврши. Предизвиците зад САД вклучуваат убедување на локалните заедници дека уништувањето на хемиското оружје може безбедно да се врши во нивните населби.
Што да кажеме за другите хемикалии, а особено за оние од групата „Новичок”?
Нервните агенси од групата „Новичок” никогаш не и биле пријавени на ОПЦВ, а хемикалиите никогаш не биле дел од некој режим на контрола, делумно поради несигурноста во врска со нивните хемиски структури.
И конкретните имиња се од клучно значење, бидејќи Конвенцијата за хемиско оружје овозможува земјите легално да поседуваат широк спектар на хемикалии, ако тие можат да бидат идентификувани. Согласно Конвенцијата, на државите им е дозволено да поседуваат резерви од токсични хемикалии и нивните преработки за мирољубиви цели, вклучително и во индустријата, земјоделството, научните истражувања и медицината.
Од хемикалиите, кои можат да учествуваат во производството на признато или потенцијално хемиско оружје, можат да бидат задржани само ограничени количини.
Државите имаат право на еден тон хемикалии и едно објект, обично лабораторија, каде што тие можат да бидат создадени.
Овие резерви можат да се користат за развој на заштитна облека, гас маски, антидоти и за развивање на методи за идентификација на хемиско оружје.
Ревизијата на овие резерви од страна на ОПЦВ е до милиграм. За други супстанци, кои пошироко се користат во индустријата, но кои можат да се користат за производство на хемиско оружје, резервите се следат внимателно.
Иако „Новичок” е надвор од оваа контрола и ниедна држава не и пријавила на ОПЦВ дека го поседува, за неговото постоење се дозна во 90-те години од минатиот век. Многу е веројатно дека државни лаборатории произвеле минимални количества, а нивните карактеристики би биле складирани во базите на податоци, за да може нивниот идентитет да биде потврден во подоцнежна фаза доколку се пронајде како непознат отров во крвта на некого.
Не е познато дали тоа се случило во лабораторија за хемиска заштита на Обединетото Кралство. Но е важно, научниците кои работат таму, да можат да го идентификуваат нервниот агенс употребен за труењето на Сергеј Скриптал и неговата ќерка, толку брзо како што тоа и го направија. Идентификувањето на агенсот е од витално значење за медицинскиот третман што ќе добијат настраданите во нападот.