НЕМА УВИД – ИМА ОДГОВОРНОСТ!

од Vladimir Zorba
139 прегледи

  

Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, потврди дека на 27. април минатата година во Собранието на РМ се случил тероризам, но сега треба да каже зошто Обвинителството не извршило увид и дали некој за тој пропуст ќе одговара

Убаво беше тоа што вчера на прес конференција се појави и новоизбраниот јавен обвинител на Македонија, Љубомир Јовески. Неговото појавување го доживувам како негова лична заложба да застане зад своите колеги и со два-три збора да им даде поддршка на обвинителите во она што го работат. Но, тука ќе запрам со пофалбите упатени на сметка на обвинителот Јовески, оти мене, вчера, ми остана некако како недоречен.
Искрено, од јавниот обвинител очекував и малку (само)критика за работењето на „фирмата“ со која тој раководи безмалку два месеца. Од Јовески слушнав дека она што се случи ланскиот 27. април претставува терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но не слушнав дали оваа правна класификација важеше и дента кога разулавената толпа влезе во законодавниот дом, а потоа жестоко се пресмета со пратениците на тогашната опозиција? Ако одговорот е негативен, тогаш е јасно дека од Обвинителството биле неми сведоци на уривањето на државните институции, но доколку одговорот е позитивен, тогаш се поставува прашањето: зошто дежурен јавен обвинител не изврши увид во Собранието на Македонија?
Независно од видот и карактерот на одговорот, јавното обвинителство е должно да изврши увид, а полицијата е должна да му се стави во функција! Вака, како што заврши случајот, може само да се заклучи дека некој во Јавното обвинителство не сакал и(ли) не си ја извршил законската обврска, а за такво нешто мора да се понесе одговорност… Љубомир Јовески е адресата на која треба да ѝ се постави прашањето за опструирање на работата на Јавното обвинителство, а тој ќе треба да каже дали е одговорен неговиот претходник, Марко Зврлевски или дежурниот обвинител од скопското Основно јавно обвинителство или некој од обвинителите од Јавнотото обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција?!
Како и да е, кога нема увид мора да има одговорност! А одговорност Јовески треба да побара и од претседателот на Советот на јавни обвинители и не за возилото со кое што Коле Штерјов доживеал сообраќајна несреќа, туку и поради тоа што правилата налагаат увид кога обвинител ќе доживее сообраќајна незгода. Не е Штерјов тој кој ќе кажува дали треба да дојде дежурен обвинител за да изврши увид. Увидот е обврска и е задолжителен во вакви ситуации! Од Јовески се очекува да проговори за бркањето на обвинтелката од СЈО, за сопругот на една друга негова колешка, а ако некаде најде вина да инсистира и на одговорност.
Јавниот обвинител Јовески треба да побара одговорност и од негов колега кој од затвор вадел осуденици за да ги присилува да потпишат лажни изјави. Истрага и одговорност треба да се бара и од колега кој со месеци водел непродуктивни предистраги кои, како што сега стојат работите, не донесоа ништо конкретно, но затоа, пак, биле политички мотивирани. За еден таков случај деновиве се изнаслушуваме! Време за длабоки резови во Обвинителството. Одговорност мора да има и меѓу обвинителите, но се е во рацете на Јавниот обвинител

Љубиша Станковиќ     Правосудство .МК