МИА Ретро 7 – Свет

Њујорк, 26 март – Откако социјалната мрежа Фејсбук вчера објави извинување во американските и британските весници поради скандалот со британската консултантска фирма „Кембриџ Аналитика“, веб страницата „Арс Техника“ информира дека корисниците проверувале кои податоци се преземаат за нив од страна на Фејсбук и утврдиле дека имињата на контакти, телефонски броеви и СМС пораки биле собирани во текот на две или повеќе години од уредите со Андроид.
Куала Лумпур – Премиерот на Малезија Наџиб Разак денеска во Парламентот поднесе предлог-закон со кој објавувањето „лажни вести“ се смета за незаконско.Со нацрт-законот како лажни вести се оквалификуваат сите „вести, информации, податоци и соопштенија кои се целосно или делумно неточни, независно дали станува збор за новинарски написи, видео-материјали или аудио-записи“. Таквите дела ќе се казнуваат со 10 години затвор, 129.000 долари или и двете казни.
Вашингтон, 26 март – Американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување на 60 наводни руски шпиони од САД како одговор на нападот со нервен агенс врз поранешен шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Салисбури во почетокот на месецот.
Брисел, 26 март – Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, информираше дека досега 14 земји членки на Европска унија протерале руски дипломати од своите земји. Тој додаде дека не исклучува дополнителни европски мерки, како што се натамошни протерувања. Меѓу земјите кои ќе протераат руски дипломати се: Полска, Литванија, Летонија, Естонија, Германија, Франција, Данска, Украина, Чешка, Холандија, Франција, Италија и САД.
Токио, 27 март – Јапонските медиуми објавија дека вчера под силни безбедносни мерки, специјален севернокорејски воз пристигнал во Пекинг, што сугерира дека допатувала делегација на високи претставници на Пјонгјанг.
Брисел, 27 март 2018 (МИА) – НАТО протерува седум руски дипломати, и одби да даде акредитација за уште тројца. Тоа го наведе генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Берн, 27 март 2018 (МИА) – Швајцарски и американски научници утврдија дека детските гумени играчки со кои се бањаат се полни со различни бактерии. Научниците биле изненадени дека во такви играчки пронашле и до 75 милиони бактерии во квадратен сантиметар.
Пекинг, 28 март 2018 (МИА) – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун од 25 до 28 март престојуваше во Кина, каде имаше средба со својот кинески колега Си Џинпинг, потврдија Сеул и Пекинг. Престојот во Кина е прва посета на Ким од преземањето на функцијата во 2011 година.
Кито, 28 март 2018 (МИА) – Владата на Еквадор денеска објави дека на основачот на Викиликс Џулијан Асанж му ја прекинува комуникацијата со лица надвор од еквадорската Амбасада во Лондон. Од Владата на Екавдор соопштуваат дека на таква мерка се одлучиле како одговор на активноста на Асанж на социјалните мрежи.
Њујорк, 28 март 2018 (МИА) – Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, денеска изјави дека САД повеќе нема да покриваат 28,5 отсто од трошоците за мировните операции на ОН, чиј годишен буџет е 7,3 милијарди американски долари.Таа ова го изјави за време на дебатата на Советот за безбедност за реформа на мировните мисии.
Сеул, 29 март – Високи официјални претствници на Северна и Јужна Кореја почнаа преговори во демилитаризираната зона Панмунџон, за да ја подготват средбата меѓу лидерите на двете земји Ким Џонг-ун и Мун Џе-ин, предвидена за април.
Вашингтон, 29 март – Американскиот претседател Доналд Трамп го смени министерот за прашања на ветераните Дејвид Шулкин и на таа позиција го именува докторот на Белата куќа Рони Џексон. Одлуката е донесена по скандал поврзан со етиката во Министерството.
Сеул, 29 март – Властите воведуваат нови мерки со цел вработените во главниот град на Јужна Кореја, Сеул да ги принудат на време да заминат од работното место.Новата иницијатива има за цел да се спротистави на „културата на прекувремена работа“.
Москва, 29 март – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва ќе протера 60 американски дипломати и ќе го затвори американскиот Конзулат во Санкт Петербург.
Анкара, 30 март – Турските власти денеска ја одбија понудата на францускиот претседател Емануел Макрон, Франција да посредува меѓу Турција и Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат борците на сириските Курди.
Њујорк, 30 март – Поголемиот број од млади луѓе во САД изјавиле дека американскиот претседател Доналд Трамп е „расист“, „нечесен човек“ и „ментално неспособен“, покажуваат резултатите од најновата анкета изработена по нарачка на Ем-Ти-Ви и Асошиејтед прес.
Исламабад, 31 март – Најмладата добитничка на Нобелова награда во историјата, Малала Јусуфзаи денеска пристигна во својот роден град Мингаора, првпат откако талибански екстремист во 2012 година ја застрела поради нејзиното залагање за едукација на девојчињата.
Сеул, 1 април – Јужна Кореја и САД денеска ги започнаа редовните едногодишни заеднички воени вежби кои ќе траат еден месец.
Сеул, 1 април – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и неговата сопруга Ри Сол-ју присуствува на концерт на јужнокорејски поп групи во Пјонгјанг, јавија јужнокорејските медиуми. Вкупно 120 јужнокорејски пејачи, танчери, техничари и мајстори по теквондо вчера пристигнале во Пјонгјанг. Тоа е прва музичка делегација од Сеул, која по десет години ја посетува Северна Кореја.
ЕВРОПА
Москва, 26 март – Велика Британија како доверливи чува некои од податоците за соработката со Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ), за да манипулира со информациите за случајот „Скрипал“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Москва, 26 март – Најмалку 64 лица, меѓу кои и голем број деца, загинаа во пожарот што вчера избувна во трговски центар во сибирскиот град Кемерово, соопшти денеска рускиот министерство за вонредни ситуаци, Владимир Пучков.
Берлин, 26 март – Германија денеска соопшти дека во рацете на германски регионален суд е одлуката за испорачување на поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон, кој е во притвор во северната германска држава Шлезвик-Холстајн.
Москва, 26 март – Кремљ соопшти денеска дека Москва не е виновна за труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал откако САД, Канада и држави од Европската унија протеруваат руски дипломати поради скандалот.
Братислава, 27 март – Убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Куциак и неговата девојка минатиот месец најверојатно било нарачано, изјави неименуван обвинител во Братислава.
Барселона, 27 март – Демонстранти претпладнево блокираа патишта во Каталонија во знак на протест поради апсењето на поранешниот регионален лидер Карлес Пуџдемон во Германија и приведувањето на други сепаратистички лидери во Шпанија.
Париз, 27 март – Компанијата „Кембриџ аналитика“, обвинета дека за политички цели искористила лични податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук, имаше клучна улога во гласањето во корист на Брегзит, тврди „свиркачот“ Кристофер Вајли.- Дали Британците би го одобриле Брегзит во 2016 година без „Кембриџ аналитика“? Не, тие одиграа клучна улога, сигурен сум, изјави поранешниот директор во компанијата Кристофер Вајли, „свиркачот“ кој ја отвори аферата.
Њујорк, 27 март – Извршниот директор на компанијата Фејсбук, Марк Закерберг го одби барањето на Комитетот на британскиот Парламент да одговара на прашања во врска со злоупотреба на податоци.
Брисел, 27 март – Еврокомесарката за правда Вера Јоурова му даде на Фејсбук рок од две недели да одговори на нејзиното писмо испратено вчера до главниот операциски директор на компанијата Шерил Сандберг.
Ватикан, 28 март – Папата Франциско денеска изјави дека членовите на мафијата во Италија во ниту еден случај не можат да се нарекуваат христијани.
Даблин, 28 март – Ирците ќе гласаат на референдум на 25 мај дали да го либерализираат Законот за абортус, соопшти денеска владата. Со ова ирските граѓани ќе можат првпат по 35 години да го реформираат еден од најстрогите светски закони.
Лондон, 29 март – Здравствената состојба на Јулија Скрипал „брзо се подобрува“, соопшти денеска болницата каде е сместена ќерката на поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал.
Рим, 29 март 2018 – Нема пекол, во кој душите на грешниците страдаат вечно. Оваа изјава му се припишува на папата Франциско од новинар од италијанскиот весник “Република”, кој правел интервју со него, јави ДПА.
По смртта душите на луѓето, кои ќе се покајат, добиваат простување од Бог, рекол папата во интервјуто. Тој дополнил дека „оние кои нема да се покајат, не можат да бидат помилувани и исчезнуваат“.
Париз, 29 март – На поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе му се суди поради злоупотреба на својата позиција за да добие информации за истрага во врска со нерегуларностите во неговата изборна кампања 2007 година, изјави денеска извор од истрагата.
Москва, 31 март – Русија протерува 50 британски дипломати во рамките на реципрочни мерки по труењето на поранешниот руски шпион во Велика Британија.
БАЛКАН

Софија/Брисел, 26 март – Во бугарскиот црноморски град Варна вечерва ќе се одржи Самит ЕУ-Турција, посветен на билатералните односи и соработка.
Косовска Митровица, 26 март – Припадници на специјалната полиција го приведоа денеска директорот на српската Канцеларија за КиМ, Марко Ѓуриќ.Беше ослободен неколку часа подоцна и депортиран од Косово.
Загреб, 27 март -Европратеникот и поранешен хрватски министер за надворешни работи Тонино Пицула предупредува дека мирот стабилноста и иднината на Европа зависат од состојбата на Западен Балкан, нагласувајќи дека балканскиот регион е многу чувствителен и нестабилен и доколку се затресе, ќе се тресе и цела Европа.Во авторски текст за „Еуропиен Вестерн Балкан“, Пицула нагласува дека не смее да се дозволи Балканот одново да стане предмет на грижа на европските политичари, потенцирајќи дека на ЕУ не и се потребни нови проблеми на југоистокот на континентот.
Белград, 27 април – Српската листа излегува од косовската Влада, а 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини, изјави денеска претседателот на партијата Горан Ракиќ.
Брисел, 27 март – Еврозоната ќе и префрли на Грција 6,7 милијарди евра за програмата за финансиска помош на државата.
Белград, 27 март – Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, за време на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека вчерашните настани во Косово не смеат да се повторат и дека ЕУ очекува да се сочува мирот со мудар и воздржан пристап.
Тирана, 28 март – Директорката во Министерството за здравство, социјална заштита и млади, Етлева Шеши, гостувајќи во телевизиска емисија рече дека во Албанија има околу 300.000 хомосексуалци.
Загреб, 28 март – Хрватскиот Совет за одбрана на синоќешната седница ја прифати понудата на Израел као најповолна за набавка на повеќенаменски борбени авиони и даде препорака до Владата за донесување одлука, соопшти хрватската Влада.
Приштина, 28 март – По одлуката на Српска листа да излезе од Владата и да формираат Заедница на српски општини (ЗСО) од Приштина пристигна предупредување за апсење. Косовскиот министер за инфраструктура Пал Лекај се закани дека ќе бидат уапсени членовите на Српска листа доколку формираат ЗСО.
Белград, 28 март – Повеќето, односно 81 отсто од граѓаните на Србија не би поддржале признавање на косовската независност дури ниту како услов за членство во ЕУ, 45 проценти сметаат дека Косово не е загубено, а 43 отсто оценуваат дека поранешнат покраина сепак е загубена. Вкупно 55 проценти од Србите веруваат дека независноста на Косово нема да ја признае оваа или некоја идна влада во Белград.
Анкара, 28 март – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави денеска дека Турција нема да протерува руски дипломати врз основа на „едно тврдење“.
Приштина, 28 март – САД остро ги осудија последните тензии меѓу Косово и Србија, истакнувајќи дека тоа може „непотребно да ги зголеми тензиите и да претставува закана за регионалната стабилност”.
Приштина, 29 март – Шест турски граѓани се приведени и подоцна депортирани по итна постапка од Косово поради поврзаност со училишта финансирани од движењето на Фетулах Ѓулен, кое Анкара го смета за одговорно за обидот за пуч во јули 2016 година.
Приштина, 30 март – Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска ги разреши министерот за внатрешни работи Фламур Сефај и директорот на разузнавачката служба Дритон Гаши. Разрешувањето уследи по вчерашното апсење и екстрадиција во Турција на шест турски државјани, осомничени како ѓуленисти.
Берлин, 30 март – Грција се повеќе станува центар на криминалните активности на криумчарите на луѓе во Европа, имајќи предвид дека реонот на Егејското Море е под засилен мигрантски притисок од страна на четирите милиони регистрирани бегалци во соседна Турција, наведува магазинот „Шпигел“, повикувајќи се на таен извештај на германската полиција.
Софија, 30 март – Бугарија нема да протера руски дипломати поради „Случајот Скрипал“, изјави денеска бугарсиот премиер Бојко Борисов.
Белград, 30 март – Суд во Белград изрече 55 пресуди за родители кои не ги вакцинирале своите деца и тоа во 15 случаи изречена е парична казна, додека за 40 родители изречена е опомена наместо парична казна.
Тирана, 31 март – Кога протестот кај тунелот Калимаш достигна кулминација со палење на наплатниот пункт се огласи премиерот Еди Рама, кој не само што не отстапува од веќе донесената одлука, туку најави воведување патарина и на други патишта.
Набрзо,според најавите, патарина ќе се воведе на автопатот Кашар-Рогожина-Валона, а потоа и на други патни правци.