Вчерашниот ден донесе целовечерна НБА програма од дури 13 натпревари и со нив полека се разјаснува дел од поредокот пред почетокот на плејоф натпреварувањето. Сан Антонио Спарс на домашен терен го совладаа тимот на Хјустон Рокетс.

Спарс пред своите гледачи го совлада тимот на Хјустон Рокетс со резултат 100:83, со што ја прекина низата од 11 последователни победи на лидерот во НБА лигата.
Најзаслужен за победата на Сан Антонио Спарс беше Ламаркус Олдриџ, кој имаше учинок од 23 поени и 14 скока, а притоа беше и ефикасен од поле. Руди Геј од клупата успеа да уфрли 21 поен, додека Пети Милс како стартер постигна само 14 поени, но имаше две тројки во два последователни напади кои ја направија разликата на почетокот на четвртата четвртина.
Најголемиот кандидат за МВП наградата, Џејмс Харден, беше солиден, иако не шутираше ефикасно од поле. Тој погоди само еден шут за три поени од 6 обиди и мечот го заврши со 25 поени и 8 асистенции. Крис Пол не беше дел од натпреварот, а во негово отсуство Ерик Гордон се пресели во стартната петорка и уфрли 18 поени.