По Косово, на ред е БиХ

од desk4
129 прегледи

  

 

Дали по Косово и Босна и Херцеговина ќе и испорача на Турција „ѓуленисти“? Властите ветуваат дека ќе го почитуваат Уставот и законите на БиХ, но аналитичарите не се убедени во нивната искреност и способност.

Откако Косово неодамна депортираше шестмина Турци, кои Анкара ги смета за следбеници на Фетулах Ѓулен, медиумите известуваат дека и некои турски државјани во БиХ се соочуваат со можноста за екстрадиција. Министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ потврди за Доче Веле дека „БиХ и Турција имаат комуникација во врска со тоа прашање и оти БиХ постапува согласно молбите и барањата на Турција.

– Таа постапка е во оперативна фаза и не можам да ви откријам детали, но можам да ви гарантирам дека се што ќе преземеме ќе биде во согласност со Уставот и законите на БиХ. Без оглед на тоа, за какви барања и молби станува збор, ние нема да ги исполниме доколку не се во согласност со нашиот Устав и закони, порача Мектиќ.

Министерот за безбедност додаде дека на БиХ не може да и се повтори случајот „алжирска група“, бидејќи ќе се постапува согласно законот, но и прописите кои ја регулираат меѓудржавната соработка на безбедносен план.

– БиХ е членка на Интерпол и доколку по пат на Интерпол биде распишана потерница по некого, тогаш тоа за нас е постапување согласно законот. Не знам дали тоа ќе наликува на случајот „алжирска група“, но сигурен сум дека нашите постапки ќе бидат во согласност со прописите на БиХ и прописите на меѓународните организации на кои сме членки. Не можам да прејудицирам дали нешто ќе се случи во таа смисла, но мора да знаете дека државите секојдневно една од друга бараат кривично-правна и меѓународна помош. Ние не можеме а приори да го одбиеме барањето на Турција за некаква помош, но се мора да биде согласно со нашите закони и интересите на БиХ, истакна Мектиќ.

Поради интересите на големите се заборава и патриотизмот

Меѓутоа многумина се сомневаат во способноста на функционерите на БиХ и нивните намери во поглед на заштитата на законите и Уставот.

Политичката коментаторка од Сараево, Ивана Мариќ вели дека БиХ не е никаква велесила и додава дека поради тоа државата понекогаш се наоѓа во ситуација да носи одлуки согласно со желбите на велесилите.

– Српската страна во БиХ често, ако не и секогаш, ги задоволува барањата на соседна Србија или Русија, хрватската страна одлуките ги прилагодува на Хрватска, бошњачката страна на Турција, а сите заедно на барањата на САД и европските велесили. Кога сето тоа ќе го собереме, доаѓаме до заклучок дека многу работи од доменот на надворешната, но и внатрешната политика, не ги носиме во согласност со интересите на БиХ, туку во согласност со интересите на оние кои не сакаме да ги налутиме или оние на кои сакаме да им се додвориме. Притоа, забораваме на патриотизмот, важечките правни норми, интересите на граѓаните, па дури и основните човекови права на државјаните на БиХ, а посебно на државјаните на други држави, вели Ивана Мариќ за Дојче Веле.

Таа потсетува дека властите на БиХ ги погазиле човековите права на припадниците на т.н. „алжирска група“ во 2002 година кога ги испорачаа на САД, каде завршија во озлогласениот затвор Гвантанамо.

– Златко Лагумџија, кој тогаш беше претседавач со Советот на министри на БиХ, наведе дека имале налог од Белата куќа да ја преземат таа група, со закана дека САД ќе се повлечат од БиХ и дека БиХ ќе биде оставена без поддршка на САД. Не знам дали е пострашно тоа што САД со закана ја оствариле својата цел или тоа што властите на БиХ, за да ги задоволат Американците, го погазија сопствениот правен систем. Од друга страна, таа иста Америка одби да го направи истото за Турција во врска со нивното барање упатено до Белата куќа да го уапсат и испорачаат Фетулах Ѓулен, вели таа.

САД одбија тоа да го направат по цена на влошување и заострување на односите со Турција. Веднаш по обидот за преврат и во БиХ се почувствува прогон на „ѓуленисти“, како што ги викаат лицата кои се доведуваат во блиска врска со Фетулах Ѓулен. И покрај исклучително блиските, па и семејни односи меѓу Бакир Изетбеговиќ и Реџеп Таип Ердоган, Партијата за Демократска акција (СДА) не успеа во прв момент да го задоволи Ердоган и да ги протера сите „ѓуленисти“, односно да затвори се што е во нивна сопственост.

– Меѓутоа, со тек на време, се повеќе им поаѓаше тоа од рака, па неодамна и Универзитетот Бурч, кој најмногу им пречеше, премина во британска сопственост, тврди Ивана Мариќ.

Очекувањата на Ердоган

Приказната за испорачување на „ѓуленисти“ беше актуелизирана со неодамнешната депортација од Косово на шестмина турски државјани. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај поради тоа ги смени министерот за внатрешни работи и шефот на разузнавачката служба, и сега трпи жестоки критики од турскиот претседател Ердоган.

– На ред е БиХ и логично е Ердоган од својот близок пријател Бакир Изетбеговиќ да очекува услуга слична на онаа која ја доби од косовските власти. Проблем е што СДА не може сама да донесе одлука за тоа, посебно поради тоа што при распределбата на власта правосудството му припадна на ХДЗ БиХ, а безбедноста на Сојузот за промени. Се надеваме, како што вели Драган Мектиќ, дека БиХ ќе ги почитува сопствените закони и оти овој пат властите на БиХ нема да погазат нечии човекови права за да се додворат на „големите“, вели Ивана Мариќ.

Анкара го обвинува имамот Мухамед Фетулах Ѓулен и неговото движење Хизмет (Служење) за организирање на неуспешниот воен преврат во Турција во 2016 година. Тогаш, на удар на критиките на симпатизерите на Ердоган се најдоа и образовните институции во БиХ „Босна Сема“, кои се доведуваат во врска со лидерот на Хизмет.

Мислењата за дејствувањето на Фетулах Ѓулен се поделени. На Запад го сметаат за поборник на „умерениот ислам“, додека поединци во БиХ тврдат дека Хизмет дејствува „заговорнички“, вбројувајќи ги во редот на „сомнителни секти“ кои дејствуваат во Босна и Херцеговина.

Дојче Веле – Бон