Завршува „Скопје филм фестивал“ со неколку филмски проекции

од Vladimir Zorba
126 прегледи

Вечерва со проекциите на филмовите „Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ завршува 21.издание на Скопје филм фестивал.

На овогодинешното издание беа прикажни повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. На фестивалот имаше неколку програмски целини: Фокус на француски филм, Програма на авторски филм, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Квир фокус, Кратки филмови, Македонска продукција и Ретроспектива на Алфред Хичкок. Беа одржани работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии.

Селектори на програмите беа Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ  и Алексеј Дмитров.

Годинава на СФФ имаше премиера на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски и на документарниот филм за Шабан Трстена „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи.

 

Беше премиерно прикажан и краткометражниот филм „Види ја ти неа“ што победи на престижниот фестивал Санденс, на режисерот Горан Столевски, како и уште неколку премиери на кратки македонски филмови на режисерите Милиана Ленак, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, Батухан Ибрахим и Ханис Багашов. Исто така беа прикажани и филмовите „Последните камбани“ на Николче Поповски и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш.

 Оваа година имаше и голем број на гости од филмската ндустрија. Од   Турција дојдоа режисерот Мајкл Ондер, Јосеф Еревчик Амадо, продуцент, актерите  Кенан Ече, Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Чихан, од Франција гостуваа селекторот Навид Сарем, кој ги избра филмовите од програмата Фокус на францускиот филм, режисерите Леа Мисиус и Кристоф Режин и продуцентката Фани Ивоне. Тие одржаа работилници и одговараа на прашања на публиката.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започна со реализација на новата програма „Квир фокус“ во која беа прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор.. Селектор на оваа програма беше Александар Ковачевски.

Во рамки на оваа програма се одржа и промоција на книгата „За засрамените геј мажи“ и предавање и дискусија со Станимир Панајотов  и Жоао Флоренсио за квир кинематографијата.

Соопштение на Скопје Филм Фестивал