Во концертната сала на Музејот „Борис Христов“ во Софија вечер концерт ќе одржат уметниците Нинослав Димов (саксофон) и Маја Поповиќ (пијано).
Програмата на концертот содржи композиции од Гоце Симоноски, Димитрије Бужаровски, Огњен Поповиќ, Pierre Sancan, Robert Schumann.
Нинослав Димов дипломирал во класата на професорот Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2004 година, а магистрирал во 2006 година. По дипломирањето во Скопје, продолжил со своите студии во Берлин, Германија на Universität der Kunste, во класата на професорот Детлеф Бенсман. Во Берлин 2006 година успешно ги завршил додипломските студии по саксофон и продолжил со специјализација „Konzertexamen“ се до 2009 година. Добитник е на повеќе награди на републички и интернационални натпревари и редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Франција и Германија.
Маја Поповиќ дипломирала во 2003 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Магистрирала во 2011 година. Во текот на школувањето активно учествувала на мастер класите кај реномирани пијанисти и педагози – Борис Романов, Јокут Михајловиќ, Арбо Валдма, Жени Захариева, Милена Моллова и др.
Носител е на повеќе награди – Државен натпревар 1995 и 1996 година, Меѓународен натпревар во Софија 1997 и др. Како солист и камерен музичар настапувала во Скопје, Битола, Тетово, Штип, Прилеп, Гевгелија, Куманово и има учествувано на манифестациите како „Скопско лето”,„Прилеп – Град на културата” , „Прилепско лето”,„Гевгелиско лето”. Има настапувано и во Ниш, Белград, Софија…