Нобеловата фондација денеска соопшти дека годинава нема да биде доделена Нобеловата награда за книжевност поради обвиненијата за сексуално вознемирување во врвот на Шведската академија, заради што повеќе членови ја напуштија оваа институција.

Фондацијата во сопштението наведе дека намерата и е овогодинешната награда за книжевност да ја додели следната година, заедно со таа за 2019 година, пренесе Ројтерс.
Ретко се случува Нобеловата награда да биде откажана или одложена, а последен пат тоа се случи во 1943 година за време на Втората светска војна.
Датумот за овогодинешното доделување на Нобеловите награди се уште не е утврден, иако вообичаено тоа се случува во првата половина на октомври.
Шведската академија, совет на угледни писатели и лингвисти задолжени за унапредувањето на шведскиот јазик, се соочува со последици по обвинението за непримерно сексуално однесување на сопругот на една од членките на таа институција.
Академијата е на удар и по обвиненијата за оддавање на имињата на лауреатите пред нивното формално објавување.
Фотографот и културен амбасадот Жан-Клод Арно, кој е женет со членката на Академијата и писателка Катарина Фростенсон, ги порекна сите обвиненија – и за неадекватно сексуално однесување и за оддавање на имиња на лауреатите.
Шес од 18 членови на Академијата поднесоа оставки по овие наводи, кои се појавија кон крајот на минатата година, додека уште два члена не учествуваат во работата на Академијата од други причини.
Шведската академија минатиот месец соопшти дека минува низ сериозна криза и призна дека довербата во институцијата, која кралот Густав III ја основа во 1786 година, е поткопана.