Тони Дескоски: Крупна промена на името повлекува уставна промена

од desk2
201 прегледи

 

„Моето мислење е дека ваква крупна промена, каква што е менување на името на државата, било да е тоа само во меѓународните односи (билатерални и мултилатерални) или и во внатрешниот правен промет, мора да биде проследено со уставна измена“, вели Тони Дескоски, професор по меѓународно право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше застапник на Република Македонија пред Меѓународениот суд во Хаг во спорот против Грција за нарушување на Времената спогодба во разговор за МИА.

При евентуален договор за името Грција инсистира на промена на Уставот, а Македонија е за меѓународен договор. Што е најцврста гаранција за почитување на договореното?

– Во последните неколку недели јавноста доби информации за текот на преговорите околу спорот за името и тоа од самите учесници. Според она што е пласирано, двете страни постигнале согласност за преименување на нашата држава во Република Горна Македонија (Republic of Upper Macedonia).

Останале само две точки на разликување: Прво, Грција бара договореното ново име да биде и за внатрешна употреба (како што всушност секогаш и го барала), додека нашата влада прифаќа тоа име да биде само за меѓународна употреба. И второ, Грција бара од нашата земја да се обврзе дека промената на името на Република Македонија (за меѓународна и внатрешна употреба) ќе биде извршено и преку измена на Уставот, што би била спроведена веднаш. Усвојувањето на таквата измена би била услов за покревање на грчката блокада за членство во НАТО. За разлика од тоа, нашата влада прифаќа Република Македонија да се обврзе на промена на името само со меѓусебен меѓународен договор кој би стапил во сила со ратификацијата во двете земји, но подготвена е и да ја обврзе нашата земја и на уставна измена, но уставната измена да се изврши непосредно пред влезот на државата во Европската унија, кога ќе се спроведе и референдум, односно за десетина години од сега.
Моето мислење е дека ваква крупна промена, каква што е менување на името на државата, било да е тоа само во меѓународните односи (билатерални и мултилатерални) или и во внатрешниот правен промет, мора да биде проследено со уставна измена. Во нашиот уставно-правен систем, меѓународните договори не се над Уставот, па согласно тоа, Уставот не може да се менува со меѓународен договор. Независно дали со конечниот договор меѓу двете земји ќе се предвиди промена само на меѓународното име на државата во Република Северна Македонија, или со таквиот договор нашата земја ќе се обврзе за промена на името во Република Северна Македонија и за внатрешна употреба, уставна измена мора да има. Мора да има уставна основа за утре нашиот премиер да настапи како премиер на Република Северна Македонија, или за со закон да се предвиди промена на образецот за пасошот, за на него да се стави новото име на државата. Разликата ќе биде единствено во содржината на уставниот амандман – дали во него ќе се предвиди дека новото име е за севкупна употреба или е само за меѓународна употреба. Обезбедувањето на потребното мнозинство во Собранието за измена на уставот е домашна задача на нашата страна, не е на Грција.