„Бајки од Македонија за цела година“ нов проект на „Браво сине“

од desk4
91 прегледи

  „Бајки од Македонија за цела година” е новиот проект од јавен интерес на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа Арс Ламина.

Новата едиција нуди 52 бајки од народното творештво, секоја недела по една бајка, во прилагодена јазична форма и со модерни илустрации, а целта е да ги приближи новите генерации кон културното наследство од овој простор. Меѓу бајките се и: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.

Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски, а селекцијата заедно со адаптацијата е на Билјана С. Црвенковска, уредник во Арс Ламина. 

Новата едиција бајки следи по одличниот успех на едицијата од четирите издадени „Бајки од Македонија“, кои беа одлично прифатени и преведени на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.

„Бајки од Македонија за цела година” ќе биде промовирана кон крајот на годината.