Шпанците го тужат “Netflix”: Во Хрватска снимале филм за Ибица

од desk2
102 прегледи

Канцеларијата за туризам на Ибица истакнува дека филмот ги прикажува најлошите стереотипи за тој шпански остров и дека е спротивен на нивната промотивна туристичка политика.

Владата на шпанскиот остров Ибица би можела да ја тужи американската компанија “Netflix” откако се појавило промотивно видео снимено во Хрватска, а кое го симулира тој медитерански остров.

Играниот филм “Ибица” ги прикажува авантурите на група девојки на тој остров, но ниеден дел од филмот не е снимен на Ибица.

Владата на Ибица порачала дека разгледува тужба против продуцентот на филмот и дигиталната платформа, бидејќи смета дека го искористиле брендот Ибица при снимањето на долгометражниот филм во кој се гледаат убавините на Хрватска.

Најавното видео е објавено на почетокот на месецот, а самиот филм бил премиерно прикажан на 25. март. Во него глуми Џилијан Џејкобс, позната по серијата “Love”. Во комедијата “Ибица” 30-годишната девојка патува со своите две пријателки во Барселона и Ибица, каде наидуваат на неконтролираниот свет на дискотеките, и каде пронаоѓаат љубов.

Канцеларијата за туризам на Ибица истакнува дека филмот ги прикажува најлошите стереотипи за тој шпански остров и дека е спротивен на нивната промотивна туристичка политика. Властите сакаат да го променат имиџот на островот, како место на развратни забави и алкохол.

Продуцентот на филмот го претставил својот проект на локалната влада пред неколку месеци, но таа одбила да даде поддршка за истиот, наведувајќи дека таа не одговара на реалноста на островот.

“Точно е дека тука постојат забави, но тоа е само еден дел. Тука постојат и многу други работи, па овој филм не ја одразува нашата реалност”, рекол Винсент Торес, претседател на владата на Ибица.

“Знаеме дека е снимен во Хрватска”
Неговото дополнително незадоволство уследило откако го видел најавното видео во траење од две и пол минути.

“Од сите места кои се појавуваат, ниедно не е од овој остров. Знаеме дека филмот е снимен во Хрватска”, рекол Торес во обраќањето до медиумите.

“Тоа е измама”, додал тој за прикажувањето на деловите од други земји, а претставување како Ибица. Филмот е снимен во Сплит и на плажата Зрче, на островот Паг.

“Воопшто не се согласуваме со овој филм”, истакнал тој.

Ова не е прв пат филм на “Netflix” да биде сместен на тој остров. Во 2013. година бил прикажан долгометражниот филм “Loving Ibiza”, кој подоцна со претворил во серија со 8 продолженија.