БиБиСи: Закерберг се извини пред Европскиот парламент

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани денеска имаше куса средба со извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг во Брисел, пред сослушувањето на Закерберг пред ЕП.

Закерберг пред пратениците во ЕП одговара на прашања за скандалот во врска со продажбата на податоци на корисници на социјалната мрежа на агенцијата „Кембриџ аналитика“ и влијанието на тој скандал врз околу 2,7 милиони граѓани на Европската унија.

Како што објави БиБиСи во водените забелешки Закеберг се извинил пред парламетот за користење на Фејсбук алатките кои предизвикале „повреда“.

„Тоа беше грешка“, кажал Закеберг, пренесува БиБиСи.

Обраќајќи им се лидерите на парламентарните групи во Европскиот парламент во Брисел, Закерберг укажа на важноста на Фејсбук за Европејците и нагласи дека му е жал затоа што не направил доволно за да спречи злоупотреба на платформата.

– Без разлика дали станува збор за лажни вести, странско мешање во избори или програмери кои ги злоупотребуваат податоците на луѓето, не заземавме доволно јасен и сеопфатен став за нашите одговорности. Тоа беше грешка и жал ми е поради тоа, рече Закерберг во воведното обраќање.

Тој додаде дека во изминатите неколку години станало јасно дека Фејсбук не направил доволно за да спречи алатките, кои ги направила компанијата, да не им нанесуваат штета на корисниците.

Закерберг ја нагласи посветеноста на Фејсбук кон Ервопа, каде, како што најави, компанијата до крајот на годинава ќе вработи 10.000 луѓе.

– Длабоко веруваме во она што го работиме. И кога ќе ги решиме овие предизвици, знам дека ќе се свртиме и ќе гледаме на тоа како им помагаме на луѓето да се поврзат и како им даваме глас на луѓето како на позитивна сила, овде во Европа и ширум светот, рече тој.

Закерберг додаде дека инвестициите во безбедноста значајно би влијаеле на профитабилноста на Фејсбук, но нагласи дека безбедноста на луѓето секогаш ќе биде поважна од „максимализирањето на профитот“.

Извршниот директор на Фејсбук денеска пред пратениците во ЕП одговара на прашања за скандалот во врска со продажбата на податоци на корисниците на социјалната мрежа на агенцијата „Кембриџ аналитика“ и влијанието на тој скандал врз околу 2,7 милиони граѓани на Европската унија. ј

Фејсбук соопшти дека престојот на Закерберг во Брисел е временски многу ограничен и нема да има други состаноци.

Но, портпарол на Фејсбук информира дека Закерберг ќе има многу богат распоред во Париз, каде заминува уште утре и каде ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и ќе учествува на технолошки самит. Освен тоа, тој ќе им се приклучи на тимовите од компанијата на одбележувањето на третата годишница од основањето на европската лабораторија за истражување вештачка интелигенција.

Поради сите тие обврски, Закерберг нема да присуствува на прес-конференцијата која Тајани ќе ја одржи по сослушувањето во ЕП./МИА