Премиерот Зоран Заев со делегација на владини претставници, како и претставници од Македонската православна црква и Римокатоличката црква во Македонија, ќе патува во официјална посета на Република Италија и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“.

В четврток, 24 мај, со почеток во 11 часот премиерот Заев и делегацијата ќе пристигнат во базиликата „Свети Климент“ на молебен, каде што ќе ги пречека старешината на базиликата, отец Томас Мекарти. Во оваа базилика македонската и бугарската владина делегација заедно ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на св. Кирил.
Потоа, македонската делегација ќе се упати кон базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде што ќе положат свежо цвеќе на спомен-плочата од папата Адријан II во чест на св. Кирил и Методиј. Истиот ден македонската делегација ќе положи венци свежо цвеќе и на споменикот „Св. Кирил и Методиј“ во Амбасадата на Република Бугарија, каде што ќе има и заеднички ручек на претседателите на Владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.
В петок, 25 мај, во 11 часот премиерот Заев и придружната владина делегација ќе присуствуваат на аудиенција кај папата Франциско во апостолската палата во Ватикан, а потоа премиерот Заев ќе се сретне со државниот секретар на Светиот престол, кардинал Пјетро Паролин. Во попладневните часови македонската и бугарската владина делегација ќе присуствуваат на отворање на заедничка културно-уметничка програма, организирана од министерствата за култура на двете земји.