За што ли ќе се зборува во македонската политика по – ај малку да дувнеме на јогурт – евентуалното решавање на проблемот со името?! Телевизиите ќе останат без половина дебатна програма, вестите ќе им траат по 11 минути дневно, третина колумнисти ќе треба да се пензионираат, половина МНР да се отпушти, политичарите ќе се шуткаат на митингашките бини и нема да знаат како да го пополнат времето за говори, а кинескиот увоз на национални знамиња ќе секне, што ќе се одрази на тамошната текстилна индустрија и на светскиот економски раст, воопшто. Во ЕУ ќе отпуштат четвртина вработени од секторот Западен Балкан, а странските делегации во посета на Македонија ќе фатат да пијат по службените ручеци и вечери, опуштени затоа што веќе ќе немаат за што наводно важно да разговараат со своите домаќини. Хан ќе стане наркоман, од очај.

Замислете, знам дека звучи тотално неверојатно, но дури и Метју Нимиц ќе замине во пензија. Ако го примат, на негова возраст.
Ќе поминат во тој стил две-три недели, пред да падне командата за масовна окупација на плажите во Грција. Оти името е важно, ама гирото е најубаво кога се јаде топло, а узото кога се пие студено.
И така ќе си се тетеравиме до септември, до референдумот за името, за кога е закажан уште еден бараж од меѓународна поддршка за храбрење на Македонците да ја земат сопствената иднина во свои раце. До тогаш, претпоставувам, водечката опозициска партија ќе изгради некаков став за тоа што сака да прави со себе во животот, за да реши во која улица ќе се исклучи од кружниот тек на историјата на кој сега се врти како кога мачката си ја брка опашката. Иванов ќе биде против, за инает. Заев, ако нè фати, ќе нè гушка по улици, како да сме се посватиле.
…
колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја тука