Ви пренесуваме дел од колумната на Љупчо Поповски за „Независен“:

На крајот, прашањето што се поставува е дали мајчинството што се очекува треба да биде олеснителна или отежнувачка околност за една жена. За жената како Ардерн, тоа е момент во кој треба да се покаже дека тоа е само природна состојба, додека кај Јанкулоска, со тешките мисли за можни затворски пресуди, тоа повеќе е повик за сомилост на правдата, која треба да оцени дали таа ги направила делата за која ја сомничат обвинителите. И на одреден начин да добие сочувство од јавноста. Да го добие она сочувство кое многу обвинети жени во времето додека таа беше министер не го добија за време на судските процеси, иако се наоѓаа во иста ситуација како и таа.
Адвокатите велат дека пред законот сите се еднакви. Но тој правен принцип се претвора во флоскула, затоа што односот кон епистоларните обраќања на Јанкулоска треба да биде насочен кон основното прашање во судството – дали правдата треба да биде сомилостлива. Јасно е дека Јанкулоска во својата одбрана ќе се служи со сите механизми што би можеле да ѝ стојат на располагање за одложување на процесите. Во еден од нив, за набавката на „мерцедесот“ двајцата обвинети добија затворски казни (еден од нив е поранешниот премиер Никола Груевски), а за неа обвинението е на повисоко ниво од она на нејзиниот некогашен шеф во владата и партиски лидер. Стравот од слична пресуда е реален и секојдневен и затоа писмото на Јанкулоска изгледа како обид правдата да се смилостиви и да замижи пред делата што се напишани во обвинението. Во оваа јавна потрага по спас, или подобро речено, одложување на одлуката што треба да дојде, клучното прашање е дали судот треба да сочувствува со здравствената состојба на обвинетите. Дали тој треба на некој начин да биде милостив? Што би станало со еден судски систем во кој процесите ќе се водат не според доказите, туку според лекарските известувања за бременост, укоченост, ларингит…
Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.