Во преспанското село Нивици или Псаридис,на грчки, се чини се е подготвено за утрешното официјално потпишување на договорот меѓу Скопје и Атина за ново компромисно име на земјава. Во селото со само 60-тина жители речиси сите зборуваат и разбираат и грчки и македонски јазик. Деновиве малото село се подготвуваше за големиот настан, по кој веројатно ќе остане запишано во историјата на поширокиот регион Македонија, пренесува ТВ21.

Се бојадисуваат ѕидовите, се чисти канализацијата, се означуваат точките каде што ќе биде поставена бината за настанот во селото Нивици во грчкиот дел на Мала Преспа. Ваква слика ја пречека екипата на ТВ 21 додека го обиколувавме местото.
Но во селото Нивици денеска немаше многу полицајци или војска за обезбедување на утрешниот собир на кој е најавено присуство на премиерите и министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, но и гости од меѓународните организации. Еден од одговорите на прашањето зошто токму областа околу Преспанското езеро е одбрана за потпишување на билатералниот договор е дека ова место има историското значење за Македонија уште од времето на Народно-ослободителната борба и АСНОМ.
По потпишување на билатералниот договор , протоколот предвидува заеднички ручек на делегациите но од оваа страна на границата, во македонскиот дел на Преспа. Настанот ќе го следат повеќе медиумски екипи, што е сосема ново искуство за мирниот и послабо посетуван крај околу Преспанското езеро.