СО „ПЕПЕРМИНТСКИ“ ПОГЛЕД НА МУЗИКАТА ЈА ОСВЕЖУВАМЕ ПУБЛИКАТА

од desk4
182 прегледи

Од 21 до 24 јуни, на седум локации во Скопје ќе се случува Skopje Street Music Festival. Со 25 настапи на солисти, групи и ансамбли ќе се слави звукот на квалитетната музика, изведена во живо, на отворен простор. За време на фестивалот посетителите ќе можат да се слушнат  Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење.

Во сабота, во терминот од 20 часот на плоштад Македонија, како дел од Skopje Street Music Festival, ќе настапи и рок-групата „Пеперминт“. Во интервјуто со членовите на групата зборуваме и за фестивалот, како и за нивните идни планови.

* Вашиот настап на Skopje Street Music Festival е во сабота вечер на плоштадот „Македонија“. Имате богато творештво од четири албуми, со кој дел ќе се претставите пред публиката?
Публиката досега не има слушано на многу телевизиски и настапи во живо, како и на свирки по ноќните клубови. Со задоволство ќе се дружиме и со посетителите на Skopje Street Music Festival и ќе ги освежиме со нашата музичка енергија. Ќе гледаме да го одбереме тоа што мислиме дека оставило најдобар впечаток кај нас и кај публиката. Песните на кои ние најмногу сме се забавувале во творечкиот процес се истите тие песни на кои најмногу се забавувала и публиката на нашите настапи.

* Што очекувате од овој фестивал што се организира за прв пат кај нас со концептот – квалитетна музика достапна за сите?

– Идејата е одлична и особено корисна за оние луѓе што не практикуваат да посетуваат концерти, така што очекуваме пред се одлична забава и средба со нашите фанови, со кои секоја средба е исклучително задоволство.

* Какво лето Ве очекува на музички план? Кога публиката да очекува нов албум од „Пеперминт“?

– „Пеперминт“ секогаш неуморно и будно го живее својот „пеперминтски“ поглед на живот, при тоа отсликувајќи ги импресиите во сите нови песни. Цело време и за нас е изненадувачки текот на настаните и новите инспирации што ќе доведат до нови проекти, нови песни, концерти, албуми. Новиот албум е веќе при крај, голем дел од песните се снимени со видеоспотови и публиката веќе тековно ги слуша додека пополека се комплетира новиот петти албум што најверојатно ќе биде готов во текот на оваа 2018 година.

* Ако музиката го отсликува општеството, каква музика се твори сега во Македонија? Како ја оценувате состојбата на сцената сега и пред 19 години, кога е формирана групата?

– Секое време си носи и своја музика со себе, музиката цело време се менува заедно со времето и расположението во целиот свет и во најблиската околина, што на овој или оној начин влијае и на музиката што „Пеперминт“ ја произведува. Колку и да се трудиме да живееме во нашиот стаклен идеалистички свет што веќе на моменти знае да зазвучи утопистички, и ние сме дел од целокупното расположение. Но, даваме се од себе да понудиме еден свет полн со ментол и еукалиптус, за да можат сите што ја уживаат нашата музичка атмосфера да се чувствуваат свежо во секоја нова секунда.