Ципрас ја стави вратоврската од Заев

од Vladimir Zorba
102 прегледи

 

Пано, да знаеш, имаме уште пат пред нас. Имаме уште многу битки, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, обраќајќи му се на неговиот коалиционен партнер Панос Каменос, во излагањето пред пратеничките групи на СИРИЗА и Независни Грци.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас рече дека по вчерашната одлука на Еврогрупата, Грција врти нова страница и започнува нов период за земјата.

– По цели 8 години, успеавме да го решиме проблемот со грчкиот долг. Долг што не го создадовме ние. Долг што го наследивме од силите на стариот режим, нагласи Ципрас.

 

Грчкиот премиер уште еднаш стави крај на шпекулациите за предвремени избори, велејќи дека во септември 2019 година одново ќе побараат мандат од граѓаните.

Алексис Ципрас, говорот го заврши со вадење на вратоврската.

– Ја добивме битката, но, не и војната. Војната е таму, надвор. Постојат неправди што треба да ги исправиме и секој пат кога ќе стигнуваме до победа, ќе носиме и вратоврска, рече грчкиот премиер на крајот од неговиот говор и ја извади вратоврската.

На присутните им се обрати и коалициониот партнер во владата Панос Каменос, кој упати пофални зборови до Алексис Ципрас. Рече дека најдобриот премиер што го имала Грција во поновата историја.

– Не стигнавме до крајот на заедничкиот пат со Алексис Ципрас, како што посакуваат многумина, рече Каменос и додаде дека „издржале, издржуваат и ќе победат“.

Како бивш лидер на комунистичката младина, Ципрас никогаш не носел вратоврска во својата политичка кариера. Вратоврската за него е поврзана со естаблишментот што тој толку многу го презирал.

„Тој беше млад левичарски лидер. Вратоврските не се вклопуваат во тој профил. И во одредена временска точка, таа стана политички став“, коментираше лани извор од владата.

Според гласините, Ципрас последен пат носел вратоврска додека служел во војската, во 2004 година.

Во 2015 година, непосредно пред да стане премиер, новинарите го прашаа Ципрас дали одговорностите на неговото ново работно место ќе го натераат да прифати поформална етика за облекување.

Ципрас, кој дотогаш носеше само секојдневни кошули и ролки, одговорил дека ќе стави вратоврска „само кога ќе се намали (грчкиот) долг“.