Не – за Државна матура

од desk4
991 прегледи

 

Која е целта на  Државната матура? Учениците да се стекнат со трајни знаења од  предметот Македонски јазик и литература или странски јазик и уште еден предмет , математика, биологија, историја , или бизнис?

Не. Дефинитивно не.  Учениците после завршената учебна година, после направената матурска прослава, ни случајно не можат да се концетрираат и да го повторат целокупното стекнато знаење во текот на четирите години на изучените предмети. И би го сториле тоа , но ако има правилни, праведни и достоинствени услови за полагање Државна матура.

Имено, три пеколни дена учениците мораат да доаѓаат и да полагаат три предмети, некој по четири саати, некој по три итн. Но , трагедијата настанува во мигот кога се сфаќа дека и таа, гордо наречена Државна матура е една голема лага, фарса и измама која се случува пред очите на учениците, професорите, тестаторите, директорите, инспекторите. Се знае дека во поголем број случаи учениците препишуваат, сликаат, користат интернет и што уште не, само да го решат тестот. А таму каде што имале „строг“ тестатор останале без помош и осакатени со нерешени тестови. И што сме добиле???? Лага пред очите на оние кои ќе бидат идните креатори на ова општество.

Се прашувам дали е можно да ги седнуваме учениците во клупите и им кажуваме да се соочат со проектот Државна матура , три исцрпувачки дена по неколку саати , а притоа единствен начин да го решат проблемот  е да „се снајдат“. Да не зборувам за прашањата од тестовите и колку тие навистина се показател на знаењето што го поседуваат учениците. И дека можеби некој се занесуваше дека Државната матура го издига на пиадестал знаењето по мајчиниот јазик и литературата воопшто? Верен показател е Катедрата по македонски јазик и литература при Филолошкиот факултет! Имено, откако постои проектот Државна матура сè помалку студенти се запишуваат на овој факултет и катедра. И тоа малку ученици што сакаа да студираат мајчин јазик се откажувват после малтретирањето со Државната матура. На часовите се развива љубов и љубопитност за јазикот, за литературата и науките , а со тестот за Државна матура сите мечти кај учениците се загубени. Ставени се пред прашања кои не можат да го оценат навистина стекнатото знаење, но не само тоа. Каде е тука талентот, дарбата, љубовта , можеби за одделни сегменти од предметот . И кој гарантира дека тие прашања можат да го оценат стекнатото знаење на ученикот?

Но, со Државната матура не се неправедно измалтретирани само учениците. Во овој проект се вклучени огромен број професори кои молкум, без никаков приговор, три дена одат заедно со учениците да бидат нивни тестатори и да одржуваат ред, мир и дисциплина при полагањето. И тие,  четири саати, три викенди по ред, односно саботата од викендите, ја  посветуваат на проекот наречен Лага. Четири  или три долги саати бдеење над учениците кои треба да го покажат севкупното свое знаење. И повторно прашувам , зошто ни е сето ова? Огромен број луѓе се вклучени во проект кој никако не е израз на знаењето на учениците. Исто како и Екстерното тестирање кое се покажа  штетно за нашето образование и затоа беше тргнато. Се прашувам, уште колку генерации на ученици треба да оштетиме за да сфатиме дека Државната матура, изведена на ваков начин, во вакви услови и со ова ниво на свест,  не може да донесе ништо позитивно…

Полагање приемен испит на факултет на кој што сака да студира ученикот мислам дека е најсоодветниот начин да се инвестира во извесна подготовка пред студирањето или проверка на знаењето.  Факултетите  ќе имаат можност сами да ја одредат границата или пак потребното ниво на знаење за прием на студентите. На тој начин пак учениците ќе бидат мотивирани  да го насочат своето  учење на оние  предмети кои ќе бидат избрани како дел од идните студии.

Се надевам дека нема да поминат уште долги години загубени во лавиринтот  наречен Државна матура, сè додека конечно не се сфати дека таа не помага во образованието туку прави штета и ги соочува идните генерации со неправилности кои не смееме да си ги дозволиме особено не, во образованието, кое најмногу од сè треба младите генерации да ги воспитува во прифаќње на позитивните човечки вредности, како  на пример вистината на прво место ,  а дури потоа да едуцира.

 

м-р Соња Здравковска Андоновиќ

Професорка и културолог