Слабо облечен човек, свирел на виолина пред влезот на метрото. Илјадници луѓе поминувале во тоа студено утро, но ретко кој ќе фрлил по некоја ситна паричка. Но, сиромавиот музичар продолжил со смрзнати раце да свири, иако тешко ја поднесувал индиферентноста на нормалниот свет кон неговата мизерија и музика. Некои од нив правеле шеги, а некои други дури и го навредувале! А нему очите му солзеле, душата го болела. Целиот се тресел од студ, а едвај собрал неколку долари.

А тој всушност бил славниот светски виолинист Joshua Bell, кој во тој момент свирел на виолина вредна 3,5 милиони долари. Истиот тој, дента пред тоа одржал масовен концерт во Бостон, а сите билети од по 100 долари биле расродадени за неколку часа. А на улица Bell свирел маскиран, инкогнито како експеримент на„Вашингтон пост“ со цел тестирање на перцепциите, вредностите и приоритетите на луѓето.
А колкумина од нас знаат што се наши приоритети и реални вредности? Знаеме ли да правиме разлика меѓу доброто и лошото?! Или пак бесценетиот камен го сметаме за обичен камен, а обичниот за бесценет! А потоа каменот да ни се скрши од глава, оти од блиску доаѓа! Референдумот се наближува, а го напаѓаат токму тие кои по секоја логика треба да го бранат. Вистински патриот (ако сакате и вмровски) е тој што силно ќе поддржи референдум, оти нема друг пат, освен ако како таков не го сметаме пеколниот пат. А за чудо, вмровскиот партиски брод плови без компас во насока на опасни диви води, влечејќи ја државата со себе. А Мицкоски наликува на слеп кормилар кој на патниците им вели дека ги носи кон скриеното богатство, а не гледа дека бродот е стигнат до самиот раб на опасен водопад. Жестокото напаѓање на Договорот води кон реален негов бојкот. Мицкоски да гласа и со златно пенкалце, тоа сепак ќе испадне само тенекија. Тогаш ќе се види кој поради „капитулантскиот“ договор ќе капитулира. Познато е дека оние кои живеат во облаци гледат само магловито. Политиката „против целиот свет“ заврши капитулантски дури и за моќниот Милошевиќ, а најголема цена плати самата Србија. За жал често политичарите си се мерат себеси со утринската сенка, па испаѓаат и нереални, а и опасни. Да стрелате по моќната геополитика која е компатибилна со интересите на земјата е исто како да стрелате во срцето на вашата држава. Тоа не е само магарешки инает пред мостот, туку попрво е свесно пукање по сечија глава за да се спаси нечија глава. Да вршите диверзија врз таквиот меѓународен караван, е како да играте фудбал на минирано поле.

Треба да сфатиме дека луѓето не се создадени за цело време да бидат среќни, ама не и цело време да бидат несреќни. Не може Мицкоски да фрли камен и да ја сокрие раката. Тој со бојкот ризикува многу. Прво, државата ја доведува до безилезност, а вината најмногу ќе биде негова. Второ, наместо да има нови понуди, тој ќе се идентификува со минатото злосторничко водство. Трето, со бојкот тотално ќе биде изолиран од меѓународната заедница. Четврто, ќе ризикува внатрешен раскол каде што тој ќе биде загубената страна. Петто, и тој мал сјај што го има, ќе затемне, оти ќе наликува на хирург кој одбил да оперира, а пацинтот починал. Тој впрочем во моментот и нема опција меѓу доброто и лошото, туку меѓу помалце лошото и погубното. Ако продолжи да се здружува со Иванов, двајцата заедно ќе се борат со ветерниците. А сите ние треба да сфатиме дека чесноста, совесноста и одговорноста се најсилна идеологија. Дури и во политиката. Оти да постанеш одговорен човек е многу по возвишено отколку да постанеш неодговорен лидер./Либертас
Мерсел Биљали