Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, ќе размислува до 10 септември, кога рано сабајле, понеделнички, ќе им приопшти на своите следбеници и на граѓаните на Македонија и на браќата и сестрите од дијаспората што смислил.
Несудениот научник пресметал дека му требаат уште само 33 дена да ја проучи целата ситуација околу жална Македонија, па да одреди точно каде ќе се најде татковината му откако тој ќе ја донесе мудрата одлука за иднината на својот народ. На Господ му требале помалку денови да го создаде светот што е сосема разбирливо оти Мицкоски не е Господ. Но, рака на срце, како малку да попримил некои божји особености, па сака својата одлука да ја обнароди како божја заповед, како спас за библиска Македонија. Во улога на месија, лично од бога пратен, ќе тргне кон ветената земја, а зад него сиот народ.
Пссст, тишина. Не кревајте врева, Мицко го чита договорот со Грција. Само за еден час стана еден од трите отсто привилегирани граѓани кои го прочитале предавството на Македонија. Па, не било ова толку лошо, како што ми прикажаа тие што уште не го прочитале. Тоа што го пишува во договорот и јас би го потпишал со две раце, му помина еретичка мисла низ главата, ама само за миг. Веднаш си го гризна јазикот, скраја да е, иако пак му светна грешна мисла дека тоа би било добар адут за пазарење со Америка и со Брисел. Но веднаш ја отфрли како голем грев. Боже прости ми, рече покајнички и продолжи да размислува.
Прво што помисли е дека е во право неговиот претседател Ѓорге Иванов кога генијално откри дека е поважно тоа што не го пишува во договорот отколку тоа што го пишува. Знае човекот што е данајски дар. Правниците од римското право до денес, до појавата на проф. д-р Ѓорге Иванов на Мечкин Камен не ја промениле универзалната одредба дека тоа што не го забранува законот е дозволено. Со грчки договор, колку и да е озаконет, може да излезе работата поинаку. На пример, универзалното право, декларациите на ОН за самоопределување, според нив, никој не може да им забрани на Македонците да бидат Македонци, или на кого било да биде тоа што сака да биде, и по вера и по национална припадност. Арно ама, не пишува така во договорот со Грција, а штом не пишува, значи дека Грците ќе ни забранат да бидеме Македонци. Правилно и длабокоумно расудува претседателот на државата. Тој како правник по ука знае дека сè што не е забрането е слободно, освен неговото толкување на договорот со Грција бидејќи е обичен предавнички пакт со непријателот за прифаќање на ултиматум со потпишување на капитулација. Одредбите во договорот за македонскиот јазик да остане тоа што е: македонски јазик, како што е запишан во ОН, македонско државјанство да си биде македонско и, конечно, потврдата дека останува суштинското име на државата Македонија, по анализирањето на точките и запирките и особено на она што не го пишува во договорот, не вредат ништо поради додавката северна. Сè е тоа сечење на гранката на која седиме и јас и претседателот на државата, ќе заклучи Мицкоски по седмиот ден длабоко размислување и ќе престане да го чита повеќе договорот бидејќи ѓаволите почнаа да му го прикажуваат сè повеќе како добар и прифатлив, а претседателот на државата му се привиде како антички војник со шлем на главата, како на Александар Македонски, кој навива сам во празната арена „Филип Втори“ на натпревар кој е прогласен за пораз со три спрема нула оти нашите ја бојкотираа Македонија без да играат. Не излегоа на терен
…
Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте тука