Општината Чубук, која е позната во цела Турција по туршијата, се подготвува да постави светски рекорд во оваа дисциплина, пренесува агенцијата Анадолија.
Градоначалникот Тунџај Аџехан изјави дека за време на 13. издание на Меѓународниот фестивал на туршијата во Чубук ќе биде направен обид за подготвување на најголемата туршија на светот. 
– Пред отворањето на фестивалот на 13 септември, ќе се обидеме да влеземе во Гинисовата книга на рекорди. Ќе ја направиме најголемата туршија од корнишони. За да го направиме тоа, нарачавме специјален сад со маринада од еден тон. Ќе почнеме да ги подготвуваме киселите краставички уште од 28 август. Откако ќе отстои туршијата, за време на отворањето на фестивалот ќе ги послужиме сите гости кои ќе присуствуваат на настанот, истакна Аџехан за време на средбата со претставници на невладини организации од областа на културата.
Градоначалникот на Чубук потсети дека секоја година фестивалот привлекува стотици илјади посетители и се очекува оваа година задоволството да биде уште поголемо од вообичаено.