Ви пренесуваме дел од колумната на Јануш Бугајски (виш соработник на Центарот за анализи на европската политика во Вашингтон) објавена на „Независен“:

По неколку провокативни изјави на српските и косовските политичари и среде релативната тишина од Вашингтон и Брисел, се зголемуваат претпоставките дека меѓу Белград и Приштина се планира територијална размена. Косовскиот претседател Хашим Тачи тврди дека дијалогот Белград-Приштина ќе вклучи разговори за корекции на границите – термин што подразбира размена на територија, а не само договор за демаркација, каков што неодамна беше склучен меѓу Косово и Црна Гора. Некои српски функционери постојано ја истакнуваа територијалната опција како начин за нормализирање на односите меѓу двете држави, но досега ова прашање не е сериозно разгледувано.
Она што ги разгоре шпекулациите за тајни размени беше изјавата на Тачи дека разговорите со Белград треба да го разгледаат обединувањето на Прешевската Долина со Косово, дел од јужна Србија со мнозинско албанско население. Тачи јасно сака да го внесе Прешево во разговорите за да не се соочи со еднострано предавање на северно Косово, во кое Србите претставуваат мнозинство во четири општини.
САД и ЕУ постојано се спротивставуваат на какви било промени на границите, гледајќи ги таквите потези како опасни во се уште нестабилниот регион. Но, почнаа да се појавуваат шпекулации дека Вашингтон и Брисел можеби ќе се обидат да го решат спорот меѓу Србија и Косово преку територијалната опција и пуштија пробен балон за да видат што може да се договорат Белград и Приштина без директно меѓународно посредување.
Во неодамнешните изјави за медиумите, американскиот амбасадор во Косово и портпаролот на Европската комисија не ги отфрлија територијалните ревизии, едноставно тврдејќи дека е потребно Белград и Приштина да постигнат решение. Во исто време, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека разговарал за можна поделба за време на посетата на Вашингтон. Само германската канцеларка Ангела Меркел отворено ги отфрли сите промени на границата за време на неодамнешниот состанок во Берлин со босанскиот премиер.
Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.