Активисти за заштита на Водно раскажуваат дека кога застанале пред багерите за да ја спречат сечата на шумата заради поставување на цевките за гасоводот, работник добил наредба „да гази се пред себе“, но тој одбил и излегол од возилото.

Активистите рано изутрината поставиле импровизиран камп на трасата каде што треба да поминат багерите, а околу 9 и 30 кога дошле багеристите, почнала драмата.
Еден од раководителите на проектот му наредил на багерист да тргне кон луѓето кои протестирале со жив ѕид, по што активистите и одговорните за проектот почнале да се расправаат и да разменуваат пцовки и навреди, што може да се види и од снимките што ги објавија на социјалните мрежи.
Активистите велат дека работниците се појавиле без легитимација, документација и дозвола за работа, поради што тие решиле да ја запрат сечата со жив ѕид.
-И покрај нашиот мирен протест со поставување на излетничко место, шефот му нареди на багеристот „ гази – оди напред“. Возачот на багерот одби и излезе од багерот. Во моментов се сопрени машините. Цело утро се обидуваме да контактираме со надлежните во Министерството за животна средина, но никој не одговара на повиците, а ниту пак некој од Министерството или од полицијата е присутен на терен. Денес на мистериозен начин се случи и генерален ремонт на жичарата поради што не е во функција. Ние остануваме овде, вели активистот Сергеј Дамовски.
На терен, багерот не е во функција, но работниците и понатаму копаат и пренесуваат песок и земја.
На 22 август на заедничка прес-конференција директорот на МЕР Реџепи, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов рекоа дека гасоводот мора и ќе се гради низ јужната страна на Водно, ветувајќи дека потоа целиот простор повторно ќе биде пошумен и дека за пишумување ќе одвојат 700.000 евра. Реџепи тогаш рече дека е невозможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора.
По оваа прес-конференција од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ ги повикаа Реџепи, Макрадули и Шилегов на јавна дебата, но како што велат од „Го сакам Водно“ ниту еден од повиканите не одговорил на нивната покана.
МЕР: Работата продолжи по инцидентот, граѓаните имаат право на став
Од Македонски енергетски ресурси се јавија со соопштение, дека продолжиле градежните активности за гасификација на трасата преку Водно, на потег на кој не е предвидена измена, за кој е добиено одобрението за градба и на кој нема дрвна маса.
Оттаму велат дека работат според новите мерки и мерките дефинирани во студијата за животна средина.
За инцидентот со активистите, во соопштението пишуваат: „Откако беа почнати активностите, се појавиле неколку граѓани кои на мирен начин застанале во близина на механизацијата. Градежните машини веднаш ги запреле активностите, после што еден од работниците започнал вербална расправа со активистите. Напоменуваме дека вербалниот инцидент кој го предизвикал работникот не е политика на однесување на МЕР и се коси со протоколите за работа. Вербалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на проверка и потенцијална дисциплинска постапка“.
Од МЕР нагласуваат дека граѓаните имаат неприкосновено право на изразување на сопствен став и изразуваме подготвеност да ги продолжиме разговорите со еко здруженијата./1tv