Како да одгледате креативно и љубопитно дете?

од desk2
135 прегледи

Во новиот клинички извештај на Американската педијатриска академија педијатрите имаат само еден совет за родителите кои сакаат да одгледаат креативни и љубопитни деца, а тоа е да си играат со нив.

Играта има значајно влијание во животот на децата, вклучувајќи го и унапредувањето на социјално-емотивните и когнитивните вештини, како и подобриот развој на говор и самоконтрола. Педијатрите сметаат дека играта создава подобра врска меѓу децата и родителите.

Секојдневното играње е начин денешните родители да израснат креативни, љубопитни и здрави деца со вештини потребни за 21 век.

Многу родители не минуваат доволно време со децата бидејќи најчесто се на работа. Покрај тоа, на родителите понекогаш им е тешко да се натпреваруваат со технологијата која е сè повеќе присутна во животот на децата. Факт е дека технологијата донекаде може да биде корисна, да ја разбуди детската љубопитност и нешто да ги научи, но личниот конктакт со родителите и останатите е клучен фактор во развојот на децата.

Педијатрите наведуваат дека играњето криенка е многу важна во раната возраст и ги охрабруваат родителите да одговараат на невербалното однесување на бебето, на пример да му се насмеат кога тоа ќе им се насмее.

„Играњето со децата им помага да го вежбаат говорот, да развиваат социјални вештини и го намалува стресот. Играњето е важно и за децата и за родителите бидејќи споделувањето на радосни моменти во текот на игра ја засилува врската меѓу нив“, вели педијатарот Мајкл Јогман.