Берлускони за новиот клуб: Ќе играат само млади Италијанци, без бради и тетоважи

од desk2
152 прегледи

Силвио Берлускони, кој во текот на 31 година на чело на Милан со 29 трофеи го претвори клубот во еден од најголемите на светот, а и самиот стана еден од најдобрите претседатели во историјата, сега повторно се враќа на сцената.

На 82-от роденден и само една година откако го продаде Милан на Кинезите, бидејќи, како што кажуваше, „веќе не може да се натпреварува со богатите европски клубови, па на ‘росонерите’ им треба нов сопственик кој ќе ги врати на светскиот врв“, се врати на фудбалската сцена со купување на третолигашот Монца за 3,5 милиони евра.

Во овој потфат со него е неговиот неразделен соработник Адријано Галијани, кој со децении беше прв оперативец на трофејниот Милан.

Берлускони, чиј Милан дојде до најголемите достигнувања благодарение на врвни странски играчи, сега „врти нов лист“ и во интервју за „Газета дело спорт“ ги откри начелата на неговиот нов клуб:

„Монца ќе биде нешто сосема ново во фудбалот. Ќе играат млади Италијанци. На теренот и надвор од него ќе бидат пример за џентлменско однесување и ферплеј. На противниците ќе им се извинуваат ако им направат прекршок, а кон судиите ќе се однесуваат џентментски. Сите ќе мора да имаат негувана коса и пристојна фризура, а забрането ќе биде носење обетки, бради и тетоважи. Кога навивачите ќе ги замолат за автограм, на сите ќе им се потпишат читко и разбирливо. Во јавност ќе мора да се однесуваат убаво и достоинствено.“